Новата методологија не заслужува “бланко” потпис

Со новата методологија процесот се усложнува и политички и технички и сериозно се зајакнува условеноста, се вели во анализата на Институтот за европска политика. Од Институтот порачуваат Владата внимателно да пристапи во оценката на последиците и да организира сеопфатна дебата за Предлогот, без негово „бланко“ прифаќање. Поранешниот амбасадор Ристо Никовски во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека новата методологија за Македонија е погубна, а клучен елемент за нас е фактот што се нагласува правото на членките на вето и попречување на процедурата за примање на нови членки

268

Новата методологија за процесот на проширување што ја усвои Европската комисија во средата отвори широки дискусии за тоа како таа ќе влијае на иднината на земјите кандидати за членство во Унијата и патот што тие треба да го поминат за да се приклучат кон европското семејство. Во анализата на Институтот за европска политика (ЕПИ) се вели дека со новата методологија, ЕК суштествено го задоволува францускиот предлог, иако се труди да го амортизира неговото негативно влијание. Институтот анализира дека во документот декларативно се посилни формулациите за перспективата за членство, ставен е акцент на кредибилитетот и омекнати се формулациите за повратноста на процесот. Сепак, во основа се почитува предлогот на Франција за преговори во кластери, но видоизменети, со зачувување на поглавјата и преку нивно групирање, што потенцијално може да значи намалување на вето-точките за државите членки, но едногласноста останува, се вели во анализата на ЕПИ.

-Процесот се усложнува и политички и технички. Сериозно се зајакнува условеноста. Во преговорите се воведуваат економските критериуми, како и јавната администрација во кластерот „Основи“, заедно со постојните поглавја 23 и 24. Патокази (досегашните акциски планови за поглавјата 23 и 24) се предлага да се донесуваат и за демократски институции и јавна администрација – подрачја во кои не постои цврсто acquis. Се става фокус на исполнување на одредници за отворање на кластерите – исполнување на приоритети пред отворање на преговорите за група поглавја. Ниедно поглавје привремено не се затвора пред да се исполнат преодните одредници за владеење на правото, стои во анализата на Институтот.

Се продлабочува разликата меѓу земјите од регионот

Според Институтот, проблематично останува прашањето на поставување и мерење на исполнетоста на условите – одредниците, особено со внесувањето на економските критериуми и јавната администрација во преговорите, а за придобивките кои би требало да ги почувствуваат граѓаните нема ништо конкретно.

Од Институтот за европска политика заклучуваат дека овој предлог на комисијата ја продлабочува разликата меѓу државите во регионот бидејќи преговарачките рамки за државите кои веќе преговараат нема да се менуваат, но тие самите може да се сложат за практична имплементација на промените. Во анализата се порачува Владата внимателно да пристапи во оценката на последиците и да организира сеопфатна дебата за Предлогот, без негово „бланко“ прифаќање, односно поддршка.

Нагласено правото на вето

Поранешниот амбасадор Ристо Никовски во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека новата методологија за Македонија е погубна.

Нашето членство во Унијата не било никогаш подалечно и станува невозможно, вели поранешниот амбасадор Ристо Никовски. 

-Клучен елемент од новата методологија за нас е фактот што се нагласува правото на членките на вето и попречување на процедурата за примање на нови членки. Не можеме да затвараме очи дека Бугарија веќе официјално постави преку 20 неприфатливи и незамисливи услови за наше членство, што според новата методологија значи дека Македонија никогаш нема да влезе во Унијата. Нема и не може да има политичка сила во земјава која ќе ги прифати таквите барања. Од друга страна и Грција јасно ни стави до знаење дека преку преговорите ќе го “поправа” за нив лошиот договор од Преспа. Народот би рекол „од сите страни Ѓорѓи сардисан“. Мораме да бидеме свесни дека и Бугарија и Грција се крајно заинтересирани Македонија да ги започне преговорите бидејќи преку нив, дефинитивно, ќе го уништат македонизмот. Истовремено и двете не сакаат Македонија да стане членка, бидејќи кога ќе бидеме внатре ќе можеме да ги откажеме двата договори – и со Бугарија и со Грција. Тоа значи дека нашето членство во Унијата не било никогаш подалечно и станува невозможно, вели поранешниот амбасадор Ристо Никовски.

Козметички промени

Душан Релјиќ од Германскиот институт за меѓународни односи и безбедност, пак, во интервју за Дојче веле ги критикува, како што вели, козметичките промени на ЕУ. Тој истакнува дека сега предложените формулации се уште посложени и предупредува дека со плати од 300 евра не се градат владеење на право и демократија.

Српската министерка за евроинтеграции Јадранка Јоксимовиќ во изјава за РТС истакна дека оваа нова методологија е направена заради Македонија и Албанија, бидејќи двете земји не добија зелено светло за почеток на преговорите, додека Србија врз основа на напредниот економски план како важен сегмент во текстот ќе анализира дали ќе се потпре на оваа методологија или ќе остане на стариот пристап.

И еврокомесарот за преговори за проширување и соседска политика Оливер Вархеји, при претставувањето на предлогот истакна дека новите правила не се задолжителни за Србија и Црна Гора, кои сами ќе одлучат дали преговорите ќе ги водат по досегашната или ќе ја прифатат новата методологија. Вархеји по усвојувањето истакна дека основната цел на ЕУ останува иста – проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан. Процесот се темели на четири принципи – кредибилност, предвидливост, динамика и силно политичко раководство.

според новата методологија што ја усвои ек, процесот на преговори ќе почнува и ќе завршува со владеење на правото. ЕУ ќе може да ги суспендира преговорите доколку некоја земја стагнира или назадува во реформите, но ќе мора и подобро да ги дефинира условите за кандидатите. Кога една земја ќе ги исполни условите, земјите членки ќе треба да се согласат да премине во следната фаза, “без дополнителни услови”. Од друга страна, во случај на назадување, ќе има “поодлучни мерки“ за санкционирање и земјите членки ќе можат да замрзнат или целосно да суспендираат преговори со некоја земја кандидат. во тие случаи ќе се замрзнуваат и фондовите. (В.С.Н.)