Ни Трамп ни Харис не објавија целосни извештаи за својата моментална здравствена состојба

207

Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп се уште нема објавено целосен извештај за неговата моментална здравствена состојба, а не го објавил ниту неговата демократска ривалка Камала Харис, иако до изборите остануваат само два месеци, пишува CBS News.

На 20 август, Трамп (78) во интервју за CBS News изјави дека неодамна имал годишен физички преглед и дека со задоволство би ги објавил резултатите. Тој додаде дека полагал два когнитивни теста на кои, како што рече, блескал, но неговата кампања не ги објавила тие резултати.

Во ноември 2023 година, Трамп објави писмо од неговиот лекар Брус Аронвалд, во кое се наведува дека целосниот физички преглед во септември истата година покажал дека неговото целокупно здравје е одлично.

Во писмото, сепак, нема конкретни детали за виталните параметри, како и информации за лековите што Трамп ги зема. Кампањата на Трамп, исто така, не им дозволи на медиумите да поставуваат прашања на неговите лекари по обидот за атентат врз него во Пенсилванија.

Републиканецот Рони Џексон, кој му беше доктор додека беше во Белата куќа, на 26 јули објави меморандум во кој изјави дека ги прегледал извештаите од болницата и дека на Трамп му оди добро по обидот за атентат.

Самиот Трамп изјави дека по нападот нема никакви последици, а увото му зараснало. Многу малку се знае за медицинското досие на Камала Харис, бидејќи таа не ги достави резултатите од прегледот кога се кандидираше за потпретседател во 2020 година.

Во април 2022 година, таа имаше ковид и земаше паксловид за да се опорави, а во јули 2021 година беше во Воениот медицински центар Волтер Рид на, како што рече Белата куќа, рутински преглед. Кампањата на Харис не одговори на повеќекратните прашања од CBS News за резултатите од нејзиниот годишен физички.

Во изминатите децении стана вообичаено кандидатите за претседател да објавуваат некои информации за нивното здравје и способност за извршување на нивните должности, а оваа практика делумно беше усвоена поради голем број претседатели кои имале здравствени проблеми за кои подоцна се дознало. Танјуг.