Дел од граѓаните поради пандемијата со ковид-19 годинава нема да одат на одмор, па оние кои имаат двор за да се разладат од летните горештини решија да си купат базен. Меѓутоа, голем дел од нив на социјалните мрежи се пожалија дека последниве денови во градот не можат да се најдат базени, бидејќи се распродадени. Најбарани се монтажните базени со пумпи за пречистување и со прекривка, кои не се многу скапи и за кои не се потребни никакви дополнителни градежни активности.

За многумина граѓани потрагата по ваков базен завршила безуспешно и покрај тоа што ги обиколиле сите продавници по градот и сите интернет-сајтови кои продаваат вакви базени.

-Неколку дена барам базен по продавниците во градот, но безуспешно. Живееме во куќа во една скопска населба и поради короната најверојатно нема да одиме на летен одмор. Затоа решивме да купиме базен за во двор за децата да се избањаат и да се порадуваат малку. Но, еве веќе неколку дена барам по продавниците низ градот и не можам да најдам, сите поголеми базени беа продадени. И во која и продавница да влеговме најголема гужва имаше во делот кај што се продаваат базени. Сите бараа да купат, вели Сања од Скопје.

Друг граѓанин кој исто така годинава поради пандемијата и затворените граници не планира да замине на одмор и планира летото да го помина дома во двор па поради тоа сакал да купи базен и неговата потрага завршила безуспешно. Вели дека задоцнил и ќе ја почека наредната пратка.

-Нема да одиме на одмор поради короната и одлучивме да купиме голем базен, но цел град го свртевме и не можевме да најдеме никаде. Се надеваме дека наскоро ќе пристигнат нови, па ќе имаме повеќе среќа да остане еден и за нас, вели Александар.

Некој од граѓаните коментираат дека поради короната купиле плац, изградиле куќа и планирале да стават монтажен базен, но поради тоа што не можеле да најдат во продавниците решиле да си изградат.

Од продавниците во кои продаваат базени велат дека последниве денови нагло се зголемила побарувачката за поголеми базени со пумпа и оти им се потрошиле сите резерви.

-Топлото време и ситуацијата со короната која ги спречи граѓаните да заминат на летен одмор ја зголеми и побарувачката за базени. Најмногу се бараат големите базени со пумпи за пречистување и со прекривка, кои ни се потрошија. Имаме само од помалите базени без пумпа кои се само за деца, не и за возрасни, велат од една продавница.

Цените на големите базени со пумпа се движи од 12 до 17 илјади денари, а на малите околу 5 илјади денари. Оние без пумпа се малку поевтини и нивните цени се движат од 2.500 денари, па нагоре во зависност од димензиите.

(А.С.)