Ниту јас, градот Скопје и ЈСП нема да бидеме сојузници во криминал кој траел од 2017 година!

174

Скопската градоначалничка вели дека превозниците наплаќале билети во автобусите, а тие пари не ги пријавувале и ги ставале во џеб, а потоа фактурирале и вкупно 400 илјади евра од ЈСП секој месец, за изминат километар. Таа тврди дека средствата кои ЈСП ги исплаќал кон овие две здруженија, не се знае на кој начин биле распределувани и кој превозник колку средства добил. Арсовска понуди решение за да секој од превозниците поединечно не ја изгуби работата

 

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, се сомнева дека цели пет години постоела разработена шема во која учествувале приватните превозници „Слобода превоз“ и „Макекспрес“, коишто добивале незаработени пари од ЈСП. Таа вели дека превозниците наплаќале билети во автобусите, а тие пари не ги пријавувале и ги ставале во џеб, а потоа фактурирале и вкупно 400 илјади евра од јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ секој месец за изминат километар.

Имено, ЈСП има обврска на приватните превозници да им исплаќа по едно евро за изминат километар, а сега по зголемување на цената на дериватите по 1,5 евра по извозен километар.

– Оваа обврска месечно чини околу 24 милиони денари, но, од оваа сума треба да се одбие сумата која приватните превозници ја оствариле од продажба на билети за возење – појасни таа додавајќи дека приватните превозници, согласно член 5 од нивниот договор, имаат обврска продадените билети да ги потврдат со фискална сметка и да ги валидираат во интегрираниот систем со ЈСП.

Арсовска објасни дека кога ќе го направат тоа, од вкупната сума која ЈСП ја должи за извозен километар, се одбива сумата која од продадени билети ја оствариле приватните превозници.

– Како што може да се види од аналитичките картички, доказ дека ова се случувало е фактот што тие од 2017 година не набавиле билети од ЈСП кои потоа ги продаваат на патниците. Од 2017 година „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ не пријавиле ниту еден продаден билет во ЈСП Скопје, иако за билети наплаќаат од патниците – потенцираше Арсовска.

Дополнително, како што истакна таа, средствата кои ЈСП ги исплаќал кон овие две здруженија, не се знае на кој начин биле распределувани и кој превозник колку средства добил.

– Ниту јас, ниту градот Скопје, ниту ЈСП нема да бидеме сојузници во криминал кој траел од 2017 година – потенцираше Арсовска.

Ова, како што најави таа, ќе резултира со покренување на соодветна постапка по финалниот ревизорски извештај, додавајќи дека криминалот и корупцијата и оние кои злоупотребуваат, нема да наидат на поддршка во градот.

– Се обврзавме дека ќе расчистиме со тоа што досега било кочничар за развој на градот, ЈСП се консолидира, се спроведуваат реформи во насока на прилагодување на еко-стандарди и се движи кон трајно решавање на предизвиците во јавниот превоз – заклучи Арсовска.

Таа понуди решение за да секој од превозниците поединечно не ја изгуби работата.

Истакна дека Град Скопје изготви нов јавен повик на кој секој од сегашните поединечни превозници, сопственик на приватен автобус ќе може индивидуално да аплицира, да добие линија на која ќе сообраќа и да работи чесно за обезбедување соодветен јавен превоз.

Првиот човек на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, вчера изјави дека доставиле барање до Советот на град Скопје за средба со координаторите на советничките групи, на која ќе ја образложат нивната позиција и ќе ги запознаат со проблемот. Јовановски истакна дека приватните превозници нема да го тужат Град Скопје и ЈСП што не им го исплаќаат долгот, иако на таква можност ги насочувала Арсовска и секретарот на градот.

Тој немаше дециден одговор на тврдењата на некои од возачите дека „некој намерно ја инструира ваквата состојба и намерно финансиски ги исцрпува приватните превозници, за да дојде друг на нивно место“.

(А.П.)