Нина Бадриќ: Наместо за пречек на Нова Година уплатете за болните деца

140

Со оглед на тоа дека поради рестриктивните мерки нема да има пречек на Нова година на градските плоштади, пејачката Нина Бадриќ предложи поинаква, хуманитарна инвестиција на парите издвоени за новогодишната ноќ. На својот инстаграм-профил таа предложи парите што биле планирани за пречекот да бидат уплатени за лекување на болни деца, бидејќи поради пандемијата не е можно да се одржат настани.

– Сега кога нема организиран дочек на Нова година, секој град нека издвои пари и ги уплати за лекување на болни деца, напиша пејачката. Бројни нејзини следбеници ја поддржаа оваа акција, коментирајќи дека тоа ќе бидат најпаметно вложени пари.

Да потсетиме, пејачката Нина Бадриќ на крајот на јули истакна дека од нејзината работа не живее само таа туку најмалку 15 семејства и дека многу музичари останале гладни во последните неколку месеци.

– Немав приход во последните пет месеци, но и лицата што ги вработувам. Ова значи дека членовите на нивните семејства не добиле ниту една куна. Никој од нас не бара милостина. Ве молиме, дозволете ни да работиме и искрено да ги заработиме своите пари.