Николовски: Годинава преку 11 милиони евра за капитални проекти

40

Оваа година повеќе од 11 милиони евра ќе бидат исплатени за капитални проекти, меѓу кои е и браната Речани на Оризарска Река во Кочани, истакна денеска министерот за земјоделство, шумарство, водостопанство Љупчо Николовски, одговорајќи на пратеничко прашање.

Според Николовски, ова ќе биде прва година по подолг временски период, средствата од Програмата за рурален развој да не се пренаменат за други цели како што правеше претходната власт.

– Пред изборите ветивме и во владината програма стои дека минимум 10 милиони евра годишно ќе бидат инвестирани за рехабилитација на постоечки и изградба на нови системи, вклучувајќи ги и капиталните проекти како браните, подвлече министерот.

За Речани, Николовски рече дека се соочиле со несоодветни постапки спроведувани меѓу Министерството и Агенцијата за финасиска поддршка во претходниот период.

– Овие проблеми на почетокот ги решававме со Министерството за финансии и најдовме начин како да го решиме. Градежните активности поврзани со пристапниот пат не беа реализирани, односно фирмите кои работеа не се придружуваа до договорите, но ние изразивме силна волја и се согласивме за продолжување на роковите за со градбата на пристапните патишта да се овозможи и почеток на реализација на овој проект, објасни министерот.

Прво, рече, се правела дабинска анализа на сите проекти. Голем дел од нив биле склучени два дена пред изборите, на 11 декември, или во понеделникот, по изборите. – Во сите од нив не беа завршени постапките кои се неопходни за да се склучи договор и да почнат работите, истакна Николовски.

За браната Конско во Гевгелија, проект вреден околу 40 милиони евра, се завршени сите неопходни постапки и се очекува засилена работа во наредниот период. – МЗШВ целосно ги заврши сите работи во делот на Пишица. И платена е целосно од Министерството и Платежната агенција во износ од околу 1 милион евра и во следните неколку дена ќе ја пуштиме во употреба, рече Николовски.