Никола Ѓуричко со својот бенд „Џони миднајт триo“ во Скопје

94

По минатогодишниот фантстичен станд-ап настап на сцената на Mакедонската филхармонија, еден од најдобрите балкански актери со холивудска кариера, Никола Ѓуричко повторно гостува во Скопје.

Човекот кој на големото платно одигра фантастични ликови во легендарни филмски остварувања како „До коска” (Do koske), „Молњи” (Munje), „Кога ќе пораснам ќе бидам Кенгур” (Kad porastem bicu Kengur), „Зона Замфирова” и секако ликот на Јури во мега-популарната продукција на Нетфликс, „Stranger things”, овој пат ќе настапи со неговиот бенд „Џони миднајт триo“ во Јавна соба (тераса) на 3 јули, со почеток од 21:00 часот.

„Џони миднајт трио“ е остварување на детскиот сон на Ѓуричко. Бендот е основан во едно студио во Лос Анџелес во 2021 година. Триото го сочинуваат Никола (Џони) Ѓуричко – гитара и вокал, Александар (Мексико) Пантиќ – бас и Срѓан Миленковиќ – тапани. Од опуштено џемување во студио во пандемските времиња во 2020-та, преку пријателска музичка размена, до идеја за формирање на бенд и објава на нивниот деби албум насловен „По сеќавање”. Албумот се состои од авторски песни, но и преработки кои триото ги сними кон крајот на 2022 година во студио во ЛА. Брас секцијата пак е снимена во белградско студио, а потоа целиот материјал е пратен на финален микс кај познатиот продуцент Michael Patterson во ЛА.

Ова е прва турнеја на бендот. На настапот на „Џони миднајт трио“ во Скопје ќе можете да ги слушнете нивните авторски дела, но и нивна верзија на топонимите на југословенскиот рокенрол: ЕКВ, Дадо Топиќ, Слаѓана Милошевиќ, КУД Идијоти, Азра, Шарло Акробата…. Авторските песни се создадени токму под влијание на овие рокенрол класици, односно во периодот кога „младиот” Ѓуричко се обидел да создава музика, за 30-тина години подоцна, по сеќавање, без нотен запис, да ги рекреира, сними и издаде на носач на звук.