Еден од најголемите умови на 20 век, српскиот научник Никола Тесла, починал на денешен ден, на Божик 1943 година, а во негова чест на 12 јануари во хотелот Њујоркер на Менхетн, во кој ги поминал последните десетина години, ќе биде одржана Конференција во организација на научната Фондација Тесла од Филаделфија.
Починал во сон на 87. годишна возраст, во апартманот на 33 кат на хотелот , во кој ги поминал последните 10 години од својот живот. Веста за смртта на Тесла, била објавена два дена покасно, кога било и пронадено неговото тело. Урната со пепелата од Тесла пренесена е од Њујорк во Белград во 1951 год и се уште е во неговиот музеј. За време на комеморацијата за Тесла била свирена песната „Тамо далеко“.
Никола Тесла бил роден на 10 јули 1856 година во Смилјан, Лика, Србин по потекло. Студирал електротехника во Госпиќ, Грац и Прага. Во САД отишол во 1884 година, а во Њујорк живеел речиси шест децении.
Тесла е најпознат по своите револуционерни откритија во областа на електромагнетизмот кон крајот на XIX и почетокот на XX век.