НИКОГАШ ПОБЛИСКУ ДО ГЛОБАЛНА КАТАКЛИЗМА: Часовникот на „судниот ден“ отчукува до полноќ!

327

Часовникот на апокалипсата кој ја симболизира неминовноста на глобалната катаклизма, е сопрен на 90 секунди до полноќ, што значи дека човештвото никогаш не било толку блиску до планетарна катастрофа, соопштија во вторник група научници.

Часовникот на апокалипсата или на судниот ден минатата година беше на 100 секунди до полноќ, а за тој часовник е задолжена група научници кои секоја година ги прилагодуваат стрелките во согласност со случувањата во светот.

Претставниците на Билтенот на нуклеарни научници (БСА) кажаа на вчерашната конференција за новинарите дека го поставиле часовникот на судниот ден толку блиску до полноќ поради војната во Украина.

„Ги поместивме стрелките поблиску до полноќ“, кажаа научниците и додадоа дека одлуката е донесена поради сè поголемата опасност од светска војна.

Во таа група научници се наоѓаат и нобеловци, а еден од основачите е Алберт Ајнштајн.

Часовникот на апокалипсата настанал набрзо по почетокот на Студената војна и редовно од 1947 година го ажурираат научниците на БСА од Универзитетот на Чикаго. Полноќ претставува уништување на светот.

Научниците ја користат аналогијата на мерење на времето за да предупредат на опасноста од нуклеарни, еколошки и технолошки закани.