Никогаш заборавена:Толку многу љубов за легендарната македонска пејачка Сашка Петковска

440

Денес се навршуваат 38 години од трагичната смрт на пејачката Сашка Петковска-Липша. Една од најпопуларните македонски пејачки на забавни мелодии по својата смрт замина во вечност. Загина заедно со тројца членови од групата “Авона“ (Вељко Павиќевиќ, Петранка Несторовска и Евдокија Алексова). И ден-денес кај многумина од нас живеат спомените на пејачката која зад себе остави извонредна музичка кариера. Сообраќајната несреќа се случи кај селото Градобил на патот Куманово-Свети Николе. Имаше само 32 години и кариера пред себе. Но судбината сакаше да биде поинаку… за жал.
Родена е на 7 јуни 1951 година во градот Зрењанин, Србија (татко и беше воено лице во тогашната ЈНА) во семејство на Блаже и Војда Петковски. Во Битола се доселиле од Зрењанин кога Сашка била многу малечка, па детството и младоста и поминале во градот под Пелистер. Затоа многумина ја сметаат за битолчанка… Брзо станала членка во групата „Скромни“, предводена од Славе Димитров и Кире Костов, а потоа сè почесто ја имаше на сцената.
Нејзиното деби на забавно-музичката сцена било на Фестивалот за млади во Суботица во 1970 година, каде добила прва награда за интерпретација на композицијата „Еден пораз не е крај“. Веднаш потоа и на сараевскиот “Ваш шлагер сезоне“ со песната “Доцна е за двајцата“. Следната година настапила во интернационалниот состав на забавни мелодии „Кантаџиро“ во Сан Ремо, Италија, каде добила втора награда за интерпретација. На Фестивалот во Бургас, Бугарија освоила втора награда со песната „Толку љубов“. Имаше многу успешни настапи и на Сплитскиот фестивал, на Белградската пролет, на фестивалот во Опатија. Сепак Скопскиот фестивал најчесто се препознаваше по нејзините настапи и песните кои ги пееше: „Никогаш, никогаш“, „Бакни ме“, “Граде мој“, “Есенска роза“…

Сашка создала навистина богата музичка кариера, а засекогаш ќе останат да се пеат на сите забави, родендени, прослави нејзините големи хитови: „Бакни, бакни ме“, „Никогаш, никогаш“, „Чао адио“, „Запри срце“, „Гриша“, “Минува како река“….

Пред десетина години во спомен на Сашка Петковска беше организирана концерт-манифестација насловена како „Незаборав“, во организација на продуцентот Панде Димитровски. Пред преполната сала на Народниот театар во Битола, нејзините песни ги испеаја неколку реномирани пејачки од Битола. „Бакни ме“ ја изведе Маргарита Христова, „Чао адио“ Билјана Дамјановска, „Пушти ме како птица“ Марина Коруновска , а настапија и Анета Мицевска, Анета Ефтимова, Андријана Ацевска, Марија Митровска и Ирена Димовска.
На манифестацијата присуствуваше и нејзината ќерка Сандра Липша на која исто така дел од детството и помина во Битола. Тогаш Сандра изјави дека сеќавања за мајка ѝ, за жал, нема многу зашто починала кога таа била малечко четиригодишно девојче, но дека ѝ ги знае сите песни. (Д.М.)