Десното крило на шведската ракометна репрезентација Никлас Екберг, ќе го пропушти остатокот од сезоната во Бундеслигата, но исто така можно е да го пропушти и настапот на Олимписките игри во Токио.

Тој се повреди на последниот натпревар со својот Кил во германското првенство, а деталните лекарски прегледи покажаа дека станува збор за кинење на внатрешните лигаменти на десното колено.

  • Екберг ќе мора да апстинира од теренот од шест до осум недели, потврди лекарот на германскиот бундеслигаш Френк Прајс.

Десното крило на Кил постигна вкупно 310 голови на 52 натпревари во сезоната 2020/21, но под знак прашање е и неговиот настапа на Олимписките игри.

Екберг е клучна алка во шведската репрезентација, тој ја предводеше селекцијата до сребрениот медал на Олимписките игри во 2012 година, меѓутоа го пропушти турнирот на ЛОИ во Рио во 2016 поради повреда на стапалото, а сега повторно поради повреда може да го пропушти најголемиот спортски настан.

Шведска на Олимписките игри во Токио е во групата со светскиот шампион Данска, Португалија, домаќинот Јапонија, Египет и Бахреин.