Ракометниот вицешампион на Македонија, тимот на Алкалоид со пораз ги затвори гостинските натпревари во Европската лига. Тимот предводен од Кирил Лазаров, претрпе пораз на гостувањето кај Војводина (33:29) и така остана со еден освоен бод на деби-настапот во еврокуповите.

Поискусниот тим важеше за фаворит и на терен ја оправда улогата. Алкалоид поради неколку клучни промашувања и повторно промашен пенал се стави во позиција цело време да брка резултат, кој ниеднаш не го престигна откако ривалот од Нови Сад се одлепи.

„Видовме еден борбен натпревар од страна на двете екипи. Војводина е искусен и квалитетен состав, тоа го докажа на овој меч. Секогаш воведуваат нешто ново во играта, имаат квалитетни играчи и тешко е да се игра против ваков тим, посебно кога имаш млад состав како што е нашиот. Ние учиме од сите овие натпревари и собираме искуство“, изјави Лазаров.

„Ова беше одличен натпревар за двете екипи. Ние ги пропуштивме нашите шанси на овој меч, меѓутоа игравме против силен и квалитетен противник и од вакви натпревари и екипи можеме само да научиме и да собереме искуство. Мора да се подобриме, да бидеме посконцентрирани, ако сакаме во иднина да имаме резултати и против поискусни екипи од нас“, додаде Мартин Митев.

Најдобар стрелец кај победникот беше Азиз со девет постигнати гола, пред Воркапиќ со седум и Голубовиќ со шест реализации, додека кај Алкалоид, Серафимов имаше осум, пред Марко Митев со шест гола, а голманите Трајковски и Галевски собраа десет одбрани. Кај Војводина, Трнавац заврши со 18 одбрани.

Алкалоид за крај на групната фаза во дебитантската сезона во Европската лига на ЕХФ го чека домашен натпревар против шпанска Логроњо Ла Риоха, против која на гости го освоивме првиот европски бод.