Во денешно време речиси и да не може да се функционира без модерната технологија, компјутер, таблет, телефон, телевизор, принтер… Доколку немате нешто од ова, лишени сте од најскапото нешто на денешницата – информацијата. Но голем број луѓе иако имаат потреба од технологија, особено од компјутер, за извршување на секојдневните обврски, тоа не можат да си го дозволат. Токму затоа тука е кавадарчанецот Борче Стаменов. Тој пред речиси четири години сосема случајно ја почна акцијата #ДонирајКомпјутер, која многу брзо се рашири низ целата држава и досега има донирано над 80 компјутери, а двојно повеќе се очекува набргу да бидат подарени. Тој во интервју за весникот ВЕЧЕР, откри како почнала целата акција, колку нашите луѓе се подготвени да помогнат…

Што ве натера да ја почнете акција со донирање на компјутери и ако можете да ни откриете колку време трае акцијата и кому му го подаривте првиот компјутер?

– Акцијата започна сосема спонтано. Не беше ни во план да биде тоа што е денес. Во мојата фирма често доаѓаше една женичка, самохрана мајка на три дечиња. Прв пат кога дојде бараше тастатура и ме праша дали може да ѝ инсталирам некоја игра на компјутерот што го имаа дома. И дадов тастатура и тркнав до кај нив дома. Тоа што го имаа не знам дали можеше да се нарече компјутер. Дигитрон можеби, компјутер не. Сосема случајно во фирмата каде работам некој од нашите клиенти донесе компјутер кој за неговата работа беше дотраен, но за домашни услови беше добар. Ја чекав да помине пак и ѝ го подарив. Тоа би бил почетокот. Како минуваше времето и други оставаа исто така дотраени компјутери. И тогаш ми падна на ум дека всушност можам да ги средам и да ги подарам некому кој нема можност да си купи. Направив страница на ФБ и огласив дека собирам стари компјутери. Тука лежи почетокот. Тоа беше некаде 2016 година. За речиси два месеца успеав да соберам и донирам околу дваесетина компјутера. Се разгласи дека некој го прави тоа и од тогаш до денес јас, заедно со многу хумани луѓе од цела држава, дониравме 80 компјутера на социјално загрозени семејства.

Вие вршите одлична хумана работа, но за да израдувате некого треба да добиете и вие донација на компјутери кои прво би ги средиле, а потоа би ги подариле. Дали има сè уште доволно хумани луѓе и компании кои својата стара опрема ја донираат или пак сè уште сме назад по ова прашање?

– Хумани луѓе има и ќе има, #ДонирајКомпјутер е доказ за тоа. Македонците се добри по душа, сакаат да помогнат. На луѓето им треба само поттик. Јас ја видов таа шанса и ја зграпчив. Запознав доста народ како донатори, како и од оние што се од другата страна. Донирај компјутер ми донесе многу нови познанства. Луѓе кои не ги познавам, ниту ме познаваат, ама сме си се нашле во маката. И тоа е она што исполнува. Не го познаваш некој, а си му помогнал кога ти се обратил без да бараш нешто назад.

Како реагираат луѓето во вашата близина на оваа хумана акција. Дали ве поддржуваат или пак нивниот став е дека си го губите времето?

Досега не сум сретнал човек кој имал нешто лошо да каже за акцијата. На почеток имаше и такви кои со скептицизам гледаа на тоа што започнав да го правам. Имаше и прашања како “А ти што добиваш од сето ова?”. Кога некој би дошол и би застанал од страна и го гледа тоа што го работам, особено кога некому му подарувам компјутер ќе му стане јасно што имам јас од сето ова. Полна душа, полно срце, топлина и неизмерна благодарност која не се искажува со зборови. Да се помогне некому не е губење време. Имаше и такви кои ми имаат преречено зошто ставам слики од донации, зошто ги сликам со донациите, зошто едноставно не донирам во тишина? Еве, на кратко, ќе им кажам дека да не беа сликите од донациите и мојот глас по социјални мрежи сега ќе имав донирано многу помал број компјутери. Социјалните мрежи, бар според мене, служат за делење искуства и убави работи. Ова е убава работа и за неа вреди да чуе и прочита секој. Така и ќе можат да го следат примерот, па и да се вклучат доколку сакаат.

Како успеавте да постигнете во исто време да бидете во редовен работен однос и да оспособувате компјутери за оние на кои им се потребни. Дали оваа акција ви создава проблеми на работното место?

Јас имам кажано дека работата секогаш ми е пред акцијата за донирање. Мора прво да се завршат редовните работни обврски, па после тоа доаѓа донирај компјутер. Посветен сум на работата и затоа 18 години сум во истата компанија. Во овие речиси четири години колку трае сум имал и неколку непријатни случки од луѓе што немаат трпение. Треба да напоменам дека акцијата ја работам комплетно сам. Од прибирање донации, поправање, пакување, испраќање до одговарање на пораки кои луѓето ги пишуваат. И затоа понекогаш има и доцнење. Има луѓе што ме разбираат, а има и такви кој станале и непријатни. Со секој пробувам со разум да комуницирам ако не оди едноставно го отпишувам. Јас не сум добротворна организација со приходи и голема работна сила позади мене. Се трудам да бидам коректен и истото го очекувам и од другата страна. Проблеми на работното место немам. Дури фирмата каде работам моментално ми е и како магацин. Имам нивна комплетна поддршка и верувам дека се гордеат што, ете, и како фирма припаѓаме на оние со општествена и социјална одговорност.

Дали освен труд и време во реставрирањето на машините трошите и дел од вашите финансии доколку е потребно да се купи некој дел, односно дали го оптоварувате и сопствениот буџет за да им помогнете на другите?

– Многу ретко. Трошоците за праќање не се големи. Изнесуваат некаде од 70-130 денари за карго. На прсти се бројат испораките кои сум ги подмирил јас или некој друг. Делови нема потреба да купувам поради тоа што има доста донации кои се делумно неисправни, па понекогаш од два или три компјутера правам еден.

Секоја помош во вашата акција е добредојдена. Дали и колку имате поддршка од локалните власти, компаниите и други лица кои реално можат преку вас да им помогнат на другите, односно на лицата кои имаат потреба од компјутер, а не можат да си го дозволат?

– Помош немам побарано, барем не од локални власти. Не сакам донирај компјутер да ја мешам со “политика”. Најмалку од сè сакам некој да “сече црвени ленти”. А и реално нема потреба. Компаниите кои ја забележале акцијата сами се нудат за помош. Досега имало повеќе, но нема да ги спомнам затоа што и при секоја донација секој е прашан за дозвола дали смеам да го спомнам во некој текст, но повеќето сакаат да си останат анонимни донатори. Некои се вклучиле со компјутерска опрема, други со друга електронска опрема, трети со училишни прибори, четврти со гардероба, петти со мебел, шести со несебична помош при припремите. Донирај компјутер е еден голем круг кој произведува насмевки и среќа.

Колку луѓето на кои им е потребна помош се отворени за соработка или пак повеќето се срамат, сакаат да бидат анонимни. Дали ви се случило некој да сака донација, а притоа да прати друг да ја подигне?

– Јас пред се ја почитувам анонимноста. Како од едната, така и од другата страна. Луѓето се отворени. Нема ништо срамота да побараш помош, срамота е да крадеш. Имало секакви случаи до сега. Некои сами ги подигаат, на некои јас им ги носам. Се слушам со луѓето по телефон или преку пораки договараме за доставата.

Според вас каква е свеста во нашето општество за донирање, не само на техника, туку и на други работи. Дали луѓето сакаат да донираат или сме назад во однос на развиените земји?

– Доста висока! Како луѓе сме осетливи на туѓа несреќа. Дел од тоа се должи на животот кој го живееме. Голем дел од нас имаат почувствувано на своја кожа како е да се нема. Не сме воопшто назад. Јас сум од другата страна и имам искуство од 4 години и можам да потврдам дека Македонците доста сочуствуваат и се спремни да помогнат на граѓани кои немале толку среќа. Веќе спомнав претходно донации има од секој вид во зависност од потребите. Утре да напишам дека некаде треба регал, некој ќе ми се јави и ќе ми донира регал! Важно е некој да почне, луѓето ќе го следат секој позитивен пример.

(С.Т.)