Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Оле Гунар Солскер, за прв пат отворено проговори за случајот со Пол Погба, кој силно посакува ова лето да си замине од „Олд Трафорд“.

Англиските медиуми изминативе неколку недели пишуваа дека Французинот и порачал на управата на клубот дека нема повеќе намера да игра за „ѓаволите“, а во последното интервју откри дека е дојдено времето за нов предизвик. Неговиот менаџер Мино Раиола минатата недела изјави дека тој веќе бара нов клуб за Погба, но во Јунајтед за ваквата информација очигледно е дека не знаат ништо.

  • Разговарав со Погба околу тоа што се води во медиумската кампања. Тој е одличен фудбалер и голем професионалец, па затоа медиумите измислуваат најразлични скандали. Вчера беше објавено видео на кое тој и Џеси Лингард шетаат во градот, а тоа се прикажа како тепачка меѓу нив. Што се однесува до неговата кариера, клубот не доби никакви понуди. Ние сме Манчестер Јунајтед, не мораме никого да продаваме, изјави Солскер, па додаде:
  • Менаџерите секогаш зборуваат за трансфери, тоа е најнормална работа. Во клуб каков што е Јунајтед секогаш се очекуваат разни приказни. За Погба имам само пофални зборови, никогаш со никого не сум имал проблеми. Колку што знам, има уште неколку години од договорот и ние сме презадоволни со тоа.

Погба е голема желба на Зинедин Зидан, кој посакува по секоја цена да го донесе во редовите на Реал Мадрид.