Александар Гинзбург, директорот на Научно-истражувачкиот центар „Гамалеј“ и творец на вакцината „Спутник В“, рече дека ако ситуацијата се развива вака, не чека тешка есен и дека постои голема опасност од нови видови на коронавирус, кои би можеле да бидат уште поопасни од делта-варијантата.
Гинзбург посочи дека Центарот „Гамалеј“ прави се за да спречи појава и последици од вакви сценарија, но дека вакцинацијата на глобално ниво е бавна.
Според него, некои земји целосно го вакцинирале населението, додека, на пример, Африка дури и не започнала со имунизација.
„Ако сега сите фабрики и погони во светот почнаа да произведуваат само една вакцина, не е важно која, би можеле да произведеме доволно за да вакцинираме само 12 до 15 проценти од светската популација, и за да го победиме овој вирус треба да се вакцинира 70 проценти од населението“, изјави Гинзбург, а пренесе „Н1“.
Зборувајќи за руската вакцина, тој спомена дека заштитува од делта-вирус во 83 проценти од случаите, а во 94 проценти од случаите штити од развој на потешки форми на болеста и хоспитализација.
„За разлика од mRNA вакцините, кои произведуваат само еден вид антитела против протеинот Ц и со тоа го неутрализираат вирусот, поради што нивната ефикасност против делта сојот се намалува на 40 до 50 проценти, „Спутник В“ произведува неколку видови на овие антитела, кои вклучуваат и такви против вирусот делта, а исто така и против британските и јужноафриканските соеви“, објасни Гинзбург.
Делта варијантата е поопасна од сите претходни
Тој наведува дека делта сојот на коронавирусот е поопасен од сите претходни и за разлика од видот „Вухан“, кој кога ќе влезе во клетката може да се реплицира во вирусни честички што влегуваат во крвта, делтата поминува од клетка во клетка преку специјални канали, со што се формираат огромни клетки кои произведуваат големи количини на вирусни честички, илјадници пати повеќе отколку во видот „Вухан“.
„Количината на антитела што ги добивате по секоја вакцина или болест не е доволна за да ве заштити од тоа. Ова бара многу поголема количина на антитела. Ова може да се постигне со добивање на трета доза. Засега покажавме дека е најдобро да се користи Спутник лајт за тоа“, рече Гинзбург.
Тој верува дека вакцинацијата на децата е неопходна, но за да се дозволи употреба на вакцина кај деца, таа мора да помине сериозни клинички испитувања, и е многу посериозна отколку кај возрасните.
„Пред еден месец започнавме клинички испитувања на Спутник В кај деца на возраст од 12 до 17 години. Различни концентрации на оваа вакцина ќе бидат тестирани, и тие се пониски отколку кај возрасните, кај 660 деца во текот на годината“, изјави Гинзбург.
Според него, после тоа, специјалната комисија треба да ги анализира добиените резултати, и ќе се анализира секој, дури и најмалиот несакан ефект.
„Само кога ќе дојдеме до заклучок дека вакцината е ефикасна и целосно безбедна за децата, ќе биде дозволена нејзината употреба“, рече Гинзбург.