Најдобриот тенисер во моментов, Србинот Новак Ѓоковиќ, имаше можност да одговара на различни прашања во текот на првото појавување пред медиумите на мастерсот во Рим. Тој пристигна во Италија по освојувањето на турнирот во Мадрид минатата недела.

На конференцијата за медиуми, еден новинар го праша Ѓоковиќ што мисли околу одлуката на Тениската федерација на Италија двојно да ги зголеми цените на билетите кога дознале дека Роже Федерер ќе настапи на турнирот во Рим.

  • Прв пат го слушам ова. Не знам… Сигурно е дека Федерер е најголемо име, некој кој освоил најмногу титули, иако никогаш не бил шампион во Рим. Тој е светска икона и со самото тоа го разбирам ваквиот потег на организаторите. Искрено, не се чувствувам навредено, како што сметам дека не се чувствува ниту Рафаел Надал и останатите. Ако тоа носи дополнителен број на купени билети, поголема заработувачка, тогаш тоа е добро за сите, истакна Ѓоковиќ.

Што се однесува до натпреварувачкиот дел, Американката Серена Вилијамс се повлече од турнирот поради проблеми со левото колено. Поранешниот светски рекет број 1 сезоната на земја ја отвори со победа против Ребека Петерсон и во второто коло требаше да игра против сестра си Венус, но до таков дуел нема да дојде.

  • Морам да се повлечам од турнирот поради болки во левото колено. Ми недостасуваат навивачите и натпреварувањето на еден од моите омилени турнири. Ќе се сконцентрирам на рехабилитацијата, изјави Серена.