Во Скопје и вечерва буквално, не се дише. Македонскиот главен град е меѓу петте најзагадени градови во светот на листата на iqair.com , според мерењето на квалитетот на воздухот во 21:33 часот.
Со индекс на загаденост на воздухот од 193 Скопје е во топ 10 листата со Колката, Сараево, Мумбаи, Лахор, Карачи. Најзагаде градови вечерва се Дака, Делхи, Бишкек.
Во Скопје вечерва се измерени 136,2 микрограми на кубен метар ПМ 2,5 честички. Најголема загаденост измериле станиците во Лисиче, Гази Баба, Центар и Ректорат.
Според мерењата на „Ај-кју ер“ најголемо загадување вечерва има во Општина Ѓорче Петров со измерени 148,1 микрограми на кубен метар ПМ2,5 честички и 193,9 микрограми на кубен метар ПМ 10 честички.
Поради големото загадување, кое веќе два дена трае во Скопје, Владата попладнево информираше дека стапуваат на сила препораките и мерките за надминување на прагот на алармирање за Градот Скопје, но и за Кичево, Кавадарци и Струмица.
Препораките се да се ослободат од работа хронично болните, да се реорганизира работното време за лицата кои работат на отворено, да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено, инсталациите што поседуваат А – ИСКЗ дозвола да го намалат капацитетот на производство на половина, општините да ја намалат до 50 отсто употребата на службените возила, а се препорачува и ограничување на работите на градежните објекти.