
Последниот освојувач на „Златната топка“, Карим Бензема, и официјално потврди дека повеќе нема да игра за репрезентацијата на Франција. Искусниот напаѓач тоа го направи само еден ден подоцна откако заврши Мундијалот во Катар каде што „Галските Петли“ играа во финалето но беа поразени од Аргентина после пенал-рулетот.
Бензема го пропушти Европското првенство во 2016 година и Светското во 2018 година, а се врати во националниот тим на почетокот од 2021 година. И покрај добрите игри во дресот на шпанскиот гигант Реал (М), селекторот Дидие Дешамп, беше против неговиот кам-бек во нацоналниот тим најмногу поради големиот скандал од 2015 година кога Бензема го уценуваше репрезентативниот колега, Матју Валбуена, со видео-клип на кој Валбуена има секс со проститутка.
Пред почетокот на Мундијалот во Катар искусниот напаѓач заработи незгодна повреда и мораше веднаш да го напушти репрезентативниот камп. Бензема остана на листата со пријавени фудбалери но не се врати во Доха, иако беше максимално подготвен пред финалниот дуел.
Наводно, Дешамп донел одлука да не го врати во репрезентацијата, но таква одлука донеле и неколку важни фудбалери.
Новинарот, Ромиан Молина ја пласираше и информацијата дека речиси сите репрезентативци едвај чекале Бензема да го напушти кампот во Доха и не сакале да се врати.
Голем дел од играчите имаат добар однос со фудбалерот на Реал (М), но има и такви кои не можат да го смислат. Неофицијално, тоа е капитенот, Хуго Лорис и искусниот клилен напаѓач, Антоан Гризман.
Лорис и Гризман постојано барале Бензема да биде избркан од репрезентацијата и од почетокот биле против опцијата да биде вратен во националниот тим. На двајцата не им се допаѓало тоа што Бензема имал статус на лидер на зелениот терен.
Имало и такви кои биле пријателски настроени кон Бензема, како што е Оливие Жиру, кој инсистирал Карим да биде стартер, дури и по цена напаѓачот на Милан да биде на резервната клупа. Токму Жиру најмногу профитираше од отсуството на Бензема затоа што беше стартер и постигна четири погодоци на СП 2022.
Новинарот потврди дека во следните неколку дена ќе открие многу детали за Бензема, Дешамп, Зидан, Фудбалската федерација на Франција и дефанзивецот Бенџамин Павард, кој остана закован за резервната клупа.
И покрај сите тие проблеми, Франција дојде до финалниот натпревар и малку и фалеше повторно да го освои драгоцениот трофеј.