Владислав Хераскевич пред две недели на Зимските олимписки игри во Пекинг покажа натпис на кој пишуваше: „Без војна во Украина“. Украинскиот натпреварувач со скелетон сега е во својата земја, која доживува руска агресија. Во интервју за „1News“, истакна дека се вратил во Киев на 15 февруари и сега е во близина на главниот град, во домот на неговиот татко.

  • Ги видов експлозиите првиот ден кога почнаа. Страшно е, разбираш, а во исто време не разбираш што се случува. Не сакаш да веруваш, истакна Хераскевич, кој исто така имал неколку пријатели во Киев.

Тој додаде дека е подготвен со оружје да го бранаи својот град.

  • Бараме можност да заминеме. Тешко е бидејќи многу мостови се уништени, а немаме многу бензин. Мислам дека ќе може да се тргне деновиве, вели Хераскевич, кој воедно е студент по физика во Киев.

Тој нагласува дека не се плаши да застане во првите борбени редови.

  • Немам воено искуство, но подготвен сум на се. Ние Украинците никогаш нема да се откажеме. Ја сакаме нашата земја, подготвени сме да ја браниме, вели олимпиецот, свесен дека армијата им дава оружје само на оние кои знаат да ракуваат со него.

Но, тоа не го спречува да помогне.

  • Ако немам искуство, можам да помогнам на друг начин. Во државата има шпиони кои работат одвнатре. Можеме да ги најдеме, вели Хераскевич, па додаде:
  • Животот се менува многу брзо. Во еден момент бев олимпиец и се обидував да го постигнам најдобриот резултат. Сега се чини дека е толку далеку. Важно е да ги браниш својата земја и семејството. Тоа те менува целосно. Подготвени сме да ја браниме нашата земја, но не сме подготвени да умреме.