И покрај сите сегашни военополитички тешкотии со кои се среќава, Украина, сепак, оваа година во мај, ќе настапи на Песна на Евровизија во Италија, со песната „Tíní zabutih predkív“, која во превод значи „Сенки на заборавените предци“. Украина наедно се претставува и со својата популарна пејачка Алина Паш.
Добро, јасно им е на сите дека тоа не е Руслана, бидејќи Алина е, пред сè, аренби и хип-хоп музичарка со чудно однесување, но светот допрва ќе ја запознае како таква. На настапот на украинскиот избор, таа се појави во етнооблека, со песна со традиционален народен призвук. Украина е воодушевена од нејзината победа, а на јутјуб- каналот трогнати се и Европејците кои во Алина гледаат победник во Торино. Евровизиските фанови не кријат дека Алина е нешто ново, свежо за нив. – Толку е моќна на сцената, таа е нешто сосема друго од она што го гледаме кај останатите учесници.
Се тресевме додека ја слушавме. Украина често има добри пејачи на Евровизија иако не е музичка сила во Европа. Гласот на Алина е неверојатен и има толку емоции во оваа песна – порачуваат фановите. Алина Паш, инаку, е и пејачка, текстописец и актерка, во чија музика се испреплетуваат традиционалните карпатски ноти. Останува да видиме дали таа ќе има среќа да го повтори успехот на незаборавната Руслана, која победи на Евровизија на Изборот во Турција. (Д.М.)