Еден од најцрните денови во светот на спортот е 29 декември 2013 година, кога Михаел Шумахер незгодно падна за време на скијање и долго време се наоѓа(ше) во кома.

Малку е познато во јавноста за здравствената состојба на седумкратниот шампион во Формула 1. Познато е дека веднаш по несреќата бил префрлен во болницата во Гренобл каде што имал две тешки операции, но состојбата не се променила до ден-денес.

Авторите на филмот со легендата, кој неодамна беше емитуван на „Нетфликс“, најавија дека нема да ги откријат деталите за неговата здравствена состојба, но открија речиси сè за неговата спортска кариера.

Пјеро Ферари, потпретседател на италијанскиот тим и син на легендарниот Енцо Ферари, одлучи да сподели некои информации во јавноста. Тој истакна дека Шуми е сè уште жив, но неговата здравствена состојба е сериозна.

  • Жал ми е што говориме за него како да е мртов. Не е мртов, едноставно не може да комуницира, изјави Пјеро „Јаху Спорт“.

Пјеро Ферари го памети Шуми по неговата неверојатна личност, а самиот признава дека имал голема среќа што го запознал легендарниот Германец.

  • Имав можност да го угостам дома. Пиевме црвено вино. Тој навистина уживаше во моментите на интимност и мир, додаде вториот човек на италијанскиот тим.