НЕФИ не смее и да гради и да урива

168

Општина Охрид и јавните претпријатија од денес почнуваат со раскинување на договорите кои произлегле од добиени тендери на фирмата НЕФИ ИК која е во сопственост на советникот Нефи Усеини, а за кои Државната комисија за спречување на корупција побара да се раскинат.

Врз основа на јавно изнесениот став на Државната комисија за спречување на корупција на 16 јули 2019 година, во врска со еден од огласите за јавна набавка, Општина Охрид истиот ден испрати Барање за мислење до комисијата, во однос на спроведувањето на оваа постапка, информираат од Општина Охрид објави Охрид1.

Од Државната комисија за спречување на корупција, до Општина Охрид е испратен допис со мислење дека ќе настане состојба на судир на интереси доколку општината склучи договор со правно лице каде како сопственик се јавува член на Советот на Општина Охрид, а како управител се јавува член на неговото семејство.

Во дописот пишува дека советник во советот на општината, во смисла на член 8 став 2 од Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси има статус на службено лице и извршува јавни овластувања и должности, а во насока на член 51 став 1 од истиот Закон „Службено лице во вршењето на својата функција, јавни овластувања или должности не може да воспостави деловни односи со правно лице кое е во негова сопственост или во сопственост на член на неговото семејство или во кое тој или член на неговото семејство поседува акции или удели или кое го основал тој или член на неговото семејство или во кое одговорното лице е член на неговото семејство“. Согласно член 52 став 2 од Законот за спечување на корупцијата и судирот на интереси, ако службеното лице постапи спротивно на цитираниот став 1 на овој член, на склучениот договор се применуваат одредбите за ништовност на договорот од Законот за облигационите односи. Врз однова на ова мислење од Државната комисија за спречување на корупција, Општина Охрид ќе постапи согласно сите Законски регулативи – велат од општината.

Државната комисија за спречување на корупција реагираше и посочи на судир на интереси откако фирмата на Нефи Усеини, сопственикот на дивоизградената пицерија Луна во центарот на градот, се пријави на тендерот за избор на фирма кој ќе треба да ги урива дивоградбите во Охрид.