Неуспешна лидерска средба: Оваа ноќ не им беше ден!

Главен проблем и понатаму останува именувањето на шеф на Обвинителството за организиран криминал во кое би се инкорпорирало СЈО, истрагите отворени по истекот на рокот, 30 јуни 2017 година предвиден со Пржинскиот договор и користењето на т.н. „бомби“ како докази. Според владејачката СДСМ, опозицијата опструира бидејќи се обидува да се спаси од гонење, додека од опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека власта го блокира изборот на шеф на Обвинителството за да спречи независна и темелна истрага за скандалот„Рекет“. И Заев и Мицковски, сепак, оставија простор и отворени врати за нова средба и евентуален договор

55

Ништо ново не донесе маратонската средба меѓу Зоран Заев и Христијан Мицкоски која без договор заврши во раните утрински часови. По фијаското во законодавниот дом, неизвесно е кога и како ќе продолжат преговорите за законот за јавно обвинителство, кој месеци наназад е камен на сопнување меѓу власта и опозицијата.

Лидерите на двете најголеми партии, во текот на денешниот ден, дадоа свое видување на неуспешната лидерска.

Главен проблем и понатаму останува именувањето на шеф на Обвинителството за организиран криминал во кое би се инкорпорирало СЈО, истрагите отворени по истекот на рокот, 30 јуни 2017 година предвиден со Пржинскиот договор и користењето на т.н. „бомби“ како докази.

Според владејачката СДСМ, опозицијата опструира бидејќи се обидува да се спаси од гонење, додека од опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека власта го блокира изборот на шеф на Обвинителството за да спречи независна и темелна истрага за скандалот„Рекет“. И Заев и Мицковски, сепак, оставија простор и отворени врати за нова средба и евентуален договор.

-Разочаран сум од исходот на лидерската средба и од однесувањето на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Имав некоја надеж дека е можно да ја сменат матрицата и да излезат од заложништвото на своите претходници. Но, за жал, тоа не се случи. Колку и да бидеме ние попустливи и компромисни во преговорите, на крајот, секојпат, постојано, кај Мицкоски сè се сведува на едно барање – амнестија или уништување, запирање и крај на случаите од претходниот режим, изјави Заев по средабата.

Се обидовме сè, да излеземе во пресрет на секое разумно барање или услови кои беа поставени, се потрудивме да гледаме низ очите на опозицијата, но се соочивме со невозможно барање – предметите на СЈО да дојдат под нивна контрола, на ВМРО-ДПМНЕ, со закон да се запечати судбината и да запрат сите предистраги и истраги, криминалот да го заташкаме. Тоа не смееме да го дозволиме, таа црвена линија не смееме да ја поминеме, рече Заев, додавајќи дека правда и правна држава мора да има и ќе има, нема компромис околу овие прашања.

На преговарачката маса била понудена идеја за формирање две обвинителства од кое едното би гонело висока корупција сторена од сите функционери со шеф кој би го предложила опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ биле против и инсистирале да ја добијат челната позиција во Обвинителството за организиран криминал во кое според предлог-законот треба да се инкорпорира СЈО.

Власта, информира Заев, на лидерската предложила новото обвинителство да биде на исто ниво со Обвинителството за организирал криминал и корупција. Дала, како што истакна, креативни решенија и предлози, можност опозицијата да се чувствува вградена во процесот и да верува во него. Но, на ВМРО-ДПМНЕ ѝ било важно само да ги преземе предметите од СЈО, тие да дојдат во обвинителството чиј шеф ќе биде на нејзин предлог. Тоа е апсолутно недозволиво, потенцира премиерот, зашто не постои начин некој да гарантира дека токму тој шеф во еден момент нема да одлучи да ги поништи, повлече или одложи сите тие предмети.

Првиот опозиционер Христијан Мицкоски пак, обвини дека премиерот Заев се обидува да се амнестира себеси и најблиските соработници од одговорност преку носење на неуставни закони.

„Вистина е дека главната борба на Зоран Заев беше да се заштити Зоран Заев, фамилијата и луѓето од власта за одговорност од криминалиите со кои тој и неговите луѓе управуваат. До доцна во ноќта имавме слика на еден очајник кој само сака да задржи било каква контрола врз обвинителството за да може тој да контролира и управува, да наредува, затвора и заташкува случаи. Таа контрола му треба за да не одговара за Рекет, но и Рекет 2, Рекет 3, Рекет 4 што допрва ќе дојдат“, рече Мицкоски.

Според Мицкоски, Заев дошол со намера да не се постигне успех на разговорите затоа што, како што вели, се видело дека има не план Б, туку план Ц, со префрлањето на предметите од Специјалното јавно обвинителство во Јавното обвинителство. Со тоа, смета Мицкоски, Заев си купил мир, но во иднина ќе има одговорност.

Барањето на Заев, како што рече, за амнестија за сите довело до тоа преговорите да не успеат затоа што не прифатил новото обвинителство што го предлага власта да се занимава со корупција со сите предмети без оглед на времето на предметот и извршителот.

 

– Заев предложи формирање обвинителство за висока корупција на исто ниво како Обвинителството за организиран криминал и корупција, обвинителот да го предложи најголемата опозициска партија, и овие десетмина помошници на помошниците на Јанева заедно со случаите од СЈО да бидат инкорпорирани во рамките на новото обвинителство, без притоа да се почитува Законот за обвинители кои треба практично Советот за обвинители да предложи кои обвинители треба да работат таму, рече Мицкоски, дополнувајќи дека имало начелен предлог договорен на 30 август што тогаш СДСМ го прифатиле, а другиот ден измислувајќи небулози и бесмислици го растурија преговарачкиот процес.

Владиниот Предлог-закон за Јавно обвинителство предвидува СЈО да се инкорпорира во Обвинителството за гонење на организиран криминал. Мандатот на Специјалното јавно обвинителство истекува за три дена, и дотогаш мора да се најде решение за иднината на предметите кои ги отвори СЈО. За донесување на нов закон за јавно обвинителство, неопходни се 80 пратеници.