Неуморен е хит-мејкерот Григор Копров. Тој на 22 февруари во Љубљана, Словенија, ќе го има својот евровизиски претставник на словенечкиот Избор за “Песна на Евровизија“. И не е прв пат Копров да се натпреварува со своја песна на туѓи избори за “Евровизија“ (се натпреваруваше пред некоја година на црногорскиот избор). Самиот Евровизиски фестивал тоа го дозволува. Нашиот талентиран композитор Григор Копров има песна за овој словенечки музички спектакл-натпревар. Станува збор за композицијата „Maybe Someday“ што ќе ја пее, за нас, не толку познатиот, но сепак доволно присутен во музичките кругови на Словенија, пејачот Божидар Волфанд-Волф.
-Песната е во поп манир, ритмична балада со призвук на келтски елементи во мелодијата на рефренот, за што е заслужен Владимир Дојчиновски. Тој мајсторски го направи аранжманот, објаснува Копров. Текстот е на англиски јазик, а го напиша пејачот Волф.
За песната „Maybe Someday“ многумина велат дека е еден од фаворитите за победа. Доколку навистина победи, тогаш Григор Копров во месец мај ќе го видиме во Ротердам на “Евровизија“, но секако како претставник на Словенија. Инаку, Копров досега имаше најмногу учества на Евровизискиот фестивал, како со странците така и со македонските пејачи меѓу кои Владо Јаневски и Каролина Гочева. Затоа со право и велиме дека Копров е неуморен во желбата и понатаму да го има на Евровизискиот фестивал, дома или во странство, сеедно. Важно е да се учествува!   Д.М.