Нетанјаху најави истрага за нападот во Газа и загинувањето на седум хуманитарци

124
EPA EFE MOHAMED HAJJAR

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска најави истрага за израелскиот воздушен напад врз Појасот Газа во кој беа убиени седум работници на добротворната организација Светска централна кујна (WCK).

Тој настанот го нарече „ненамерен и трагичен“.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) потврдија дека во нападот на конвојот на хуманитарната организација загинале австралиски, британски и полски државјани, како и Палестинци и лице со американско и канадско државјанство, пишува Ројтерс.

Организацијата соопшти дека хуманитарците патувале во два блиндирани автомобили со логото на добротворната организација и во друго возило.

Армијата ја изрази својата „искрена тага“ и вети независна истрага за инцидентот.

„За жал, минатиот ден се случи трагичен настан во кој нашите сили ненамерно повредија лица кои не се борци во Појасот Газа. Така се случува во војна. Спроведуваме темелна истрага и сме во контакт со владите. Ќе направиме се за да спречиме такво нешто да се повтори“, рече Нетанјаху во видео изјавата.

Хуманитарните работници и нивниот палестински возач загинаа доцна синоќа во израелски напад во Појасот Газа, соопшти невладината организација за која работеле хуманитарните работници.

Соработници на американската невладина организација „World Central Kitchen“ (WCK), која доставува храна во Појасот Газа, се убиени во израелски напад, објави на мрежата X основачот на таа организација, шпанско-американскиот готвач Хозе Андрес. .

„Ова не е само напад на WCK, ова е напад врз хуманитарните организации кои се појавуваат во најтешките ситуации кога храната се користи како оружје за војна“, рече Ерин Гор, извршен директор на WCK.