Поранешна министерка на Малдиви во неделата беше ослободена откако беше приведена од јуни поради употреба на „црна магија“ против претседателот на таа земја, соопшти полицијата.
Фатимат Шамаз Али Салем беше приведена во јуни заедно со нејзината сестра и уште едно лице во главниот град Мале, по што таа поднесе оставка од функцијата министерка за климатски промени.
Шамаз беше на важна позиција бидејќи, поради климатските промени, океанот постепено ја преплавува таа многу ниска земја во архипелаг што може да стане целосно несоодветен за живот, проценуваат експертите на Обединетите нации.
Медиумите објавија дека Шамаз била обвинета за употреба на „црна магија“ против претседателот Мохамед Мизу во обид да ја придобие неговата наклоност кон себе и кон нејзиното министерство.
Полицијата двапати побарала да ѝ биде продолжен притворот, но поранешната министерка, сепак, беше ослободена, но истрагата против неа се уште трае, изјавил за Aсошиејтед прес, полициски службеник во Мале.
Властите ниту ја потврдија ниту ја негираа природата на обвинувањата против Шамаз, кои се слушаа зад затворени врати.
„Вештерството“ не е кривично дело, според законите на Малдивите, но според исламскиот закон во таа муслиманска земја е предвидена казна затвор од шест месеци.
Сепак, ваквите ритуали се многу распространети на Малдивите каде што многумина веруваат дека можат да им „фрлат магија“ на своите непријатели.