Неопходни прекугранични мерки за заштита на Преспанското Езеро

39

Прекумерното црпење и природното испарување на водата од Преспанското Езеро се потешко се надополнува и поради тоа се неопходни мерки за заштита на езерото од трите соседни држави што го делат акваториумот, се посочува во извештајот за хидролошката ситуација на Преспанското Езеро што за потребите на Управата за хидрометеоролошки работи го изработи м-р Васко Стојов, раководител на Одделението за хидрологија на површински води при УХМР.

„Реалната можност од зачестени сушни периоди само ја влошува ситуацијата. Предвиденото и очекувано интензивирање на врнежите во престојната сезона ќе значи подобрување на севкупната хидролошка состојба на Преспанското Езеро, но тоа нема да го реши проблемот. За враќање на водостојот на езерото во некаква нормала е потребен активен ангажман на сите засегнати инстанци и тоа на трилатерално ниво – од македонска, грчка и албанска страна“, пишува во извештајот.

Според Стојов, неповолната хидролошка состојба на езерото само ќе се влошува доколку не се спроведе континуиран хидрометеоролошки мониторинг и мониторинг на користерњето на водите од трите држави. Без тоа нема да биде можно да се изработи биланс на водите во сливот и на самото езеро, што значи нема да биде можна негова соодветна заштита.

„Со груба пресметка може да се каже дека во просек езерото годишно има недостаток од околу 1,68 метри кубни вода во секунда. Колку вода била искористена надвор од сливот, колку вода била задржана во сливот на Малото Преспанско Езеро, колку вода била искористена за наводнување на смаиот слив и слично останува непознато. Со податоците со кои се располага, тоа не е можно детално да се покаќе“, стои во извештајот.

Според податоците, деновиве нивото на Преспанското Езеро е на котата 842,84 метри надморска височина, што значи дека во однос на измерениот апсолутен минимум од 2008 година е на разлика од девет сантиметри. Тоа, според Стојов, покажува дека се уште не е достигнат апсолутниот минумум, но оти се очекува тоа да се случи наредниот период. Според експертот, потребни се сериозни врнежи од дожд, а потоа и снег за да се надополни големата загуба.

Во извештајот се посочува дека во втората половина на минатиот век Преспанското Езеро се соочува со негативните последици од антропогениот фактор, преку користење на водите од Малото Преспанско Езеро и префрлањето вода во Корчанскиот систем за наводнување, пуштањето на употреба на системот за наводнување во сливот на Малото Преспанско Езеро, пренасочување на водите од реката Герман кон полињата на Малото Езеро, подигнување преграда на спојот меѓу двете езера со што е спречен природен површински истек од Малото кон големото Преспанско Езеро. Како причини за неповолниот хидролошки биланс уште се наведуваат поставувањето црпни пумпи кај Асамати и Сирхан за префрлање вода за наводнување на Ресенското поле, зачестените појави на пронаоѓање артески бунари за искористување на подземните води за индивидуално црпење вода и локално наводнување.

„Сите тие човекови активности директно условуваат брзо спуштање на водостојот на водите во езерото, а зголемените температури, намалената влага на воздухот и ветровите го забрзуваат процесот на испарување, што доведува до забрзано губење огромни количини вода“, се наведува во извештајот.

Преспанското Езеро периодов се соочува со сериозна закана од потенцијална еколошка катастрофа. Оваа година е регистрирано најголемо годишно опаѓање на водостојот, со повлекување на крајбрежната линија и до стотици метри. Малиот доток на вода значи зголемено присуство на сулфати и пестициди, намалена чистота на водата, зачестена појава на алги и ред други појави што се директна закана по флората и фауната тој еко-систем.

Граѓански здруженија, асоцијации, друштва, активисти на еколошки движења поред неколку дена покренаа петиција за спас на Преспанското Езеро. Со петицијата се бара неодложно прогласување кризна состојба на целото подрачје на сливот на Преспанското Езеро, итно формирање научно/техничка комисија што ќе ја проучи ситуацијата и ќе предложи итни мерки за подобрување на состојбата најдоцна за десет дена од објавувањето на петицијата.

Истовремено беше побарано Владата итно да иницира меѓудржавна средба на експертско ниво заедно со релевантни организации вклучени во Преспанскиот регион која координирано ќе работи на проблемот, да дефинира фазен план за спас на Преспанско Езеро со јасно утврдени рокови.