(Не)намерна „северномакедонска“ во Европски парламент

Спротивно на Преспанскиот договор, чести се случаите кога високи европски функционери, но и институции на ЕУ, случајно или не, го употребуваат терминот „северномакедонска“, „северномакедонски“, па дури и „Северномакедонци“. Последен беше случајот на официјалната интернет-страница на Европскиот парламент каде што беше објавен документ во кој пишуваше дека „северномакедонската“ влада предводена од премиерот, Талат Џафери, продолжува да ги продлабочува односите со Европската Унија (ЕУ). По пишувањата на македонските медиуми и реакцијата на Министерството за надворешни работи, ЕП ја исправи грешката, со која повторно беа поткопани идентитетските чувства на Македонците. Поранешниот амбасадор Ристо Никовски, во изјава за весникот ВЕЧЕР, предупредува дека ова не се административни грешки, туку подготовка за она што нè чека. Експертот за ЕУ, Малинка Ристевска-Јорданова, во изјава за весникот ВЕЧЕР посочува дека грешките како оваа, „може да произлегуваат од недоволната запознаеност на оние што ги креираат текстовите (со инаку сложените решенија на Преспанскиот договор), но во некои случаи – може и да е намерно“. Ристевска-Јорданова предупредува и на други штетни практики во спроведувањето на Преспанскиот договор, како користење на други кратенки во официјални документи на државни органи, наместо МКД или МК.

84

Придавката „македонски“ е испишана со златни букви, а идентитетот е бетон – вака властите во земјава ги убедуваа граѓаните при промената на името со Преспанскиот договор. Но, спротивно токму на тој договор од Преспа, чести се случаите кога високи европски функционери, но и институции на ЕУ, случајно или не, го употребуваат терминот северномакедонска, северномакедонски, па дури и Северномакедонци. Последен беше случајот на официјалната интернет-страница на Европскиот парламент каде што беше објавен документ во кој пишуваше дека „северномакедонската“ влада, предводена од премиерот Талат Џафери, продолжува да ги продлабочува односите со Европската Унија (ЕУ). По пишувањата на македонските медиуми и реакцијата на Министерството за надворешни работи, ЕП ја исправи грешката, со која повторно беа поткопани идентитетските чувства на Македонците.

Поранешниот амбасадор Ристо Никовски, во изјава за весникот ВЕЧЕР, предупредува дека ова не се административни грешки, туку подготовка за она што нè чека.

-Воопшто не треба да се залажуваме дека ќе го смениме името на државата, а со тоа и идентитетот на народот, и ќе продолжиме да си бидеме исто што си бевме. Тоа е надвор од умот и тие тоа што ни го лансираат – бескрупулозно не лажат. Со договорот од Нивици ние и формално и практично и на писмено се откажавме дека сме Македонци надвор од државата и сите странци немаат друг избор отколку да ни се обраќаат како на „Северномакедонци“, на државата „Северна Македонија“, на владата „северномакедонска“ и сè по истиот терк. Од Франција доаѓаат Французи, од Германија – Германци, од Уругвај – Уругвајци… Од Северна Македонија не можат да доаѓаат Македонци, нити ништо македонско. Дека тоа е неизбежно така покажуваат и случаите со поранешна Источна Германија од каде што доаѓаат Источногерманци, а од Западна, Западногерманци, иако беа еден поделен народ, а така е денес и меѓу Северна и Јужна Кореја, повторно поделен народ, а имаме Северно и Јужнокорејци. Да не забораваме дека меѓу првите кој нè спомна како Северномакедонци, беше американскиот главен претставник за Балканот, Ескобар, кој не може во никој случај да погреши, туку само нè подготвува и ни ја пренесе пораката што нè чека, вели амбасадорот Никовски.

Експертот за ЕУ, Малинка Ристевска-Јорданова, во изјава за весникот ВЕЧЕР, посочува дека грешките како оваа, на текст на веб-страницата на Европскиот парламент „може да произлегуваат од недоволната запознаеност на оние што ги креираат текстовите (со инаку сложените решенија на Преспанскиот договор), но во некои случаи – може и да е намерно“. Ристевска-Јорданова предупредува и на други штетни практики во спроведувањето на Преспанскиот договор.

-Во овој случај, важно е дека Министерството за надворешни работи брзо реагирало и дека грешката е брзо исправена. Меѓутоа, овој и други вакви примери укажуваат на тоа дека е потребно многу проактивно и порешително дејствување на Министерството  за надворешни работи за да се спречат таквите случаи во иднина, а уште повеќе – ширењето на таквата практика. Многу загрижува неправилната и преширока употреба на некои решенија од Преспанскиот договор дома. Меѓу другото се забележуваат секакви кратенки и во официјални документи на државни органи, наместо МКД или МК. Тоа создава конфузија и придонесува за натамошна релативизација и обезличување. Се чини како ниедна институција да не реагира на тоа. Потребни се систематски чекори на Владата за да се спречи ширењето на такви штетни практики во спроведувањето на Преспанскиот договор, вели Ристевска-Јорданова.

По објавите во медиумите за употребата на придавката „северномакедонска“ на официјалната веб-страница на ЕП, од македонското МНР соопштија дека реагирале до Европскиот парламент и дека грешката е веќе отстранета од веб-страницата на Европарламентот. Сега во истиот текст наместо „северномакедонската“ влада предводена од премиерот Талат Џафери, стои  „Владата на Република Северна Македонија, предводена од премиерот Талат Џафери“.

– Министерството за надворешни работи на Република Македонија континуирано укажува на точната употреба на уставното име на државата и државјанството на граѓаните на Македонија. Како што сме реагирале соодветно до сите меѓународни медиуми, ентитети итн., кои погрешно употребиле кој било од наведените термини, така реагиравме и до Европскиот парламент за конкретниот случај, барајќи коректна употреба на овие термини, согласно Уставот и личната карта на земјата во Обединетите Нации. Дополнително, би сакале да потврдиме дека по нашата реакција грешката беше веднаш коригирана, посочија од МНР.

Неодамна и еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Оливер Вархеји во изјава за БГНЕС, македонската влада ја нарече „северномакедонска“.

-Се надевам дека веднаш по изборите, новата северномакедонска влада многу брзо ќе продолжи со работата и ќе може да се придвижиме кон испорачување на критериумите, рече тогаш Вархеји.

Иако Грција сè уште не ги ратификува трите меморандуми за разбирање со Македонија, а не се променети ниту сите табли на патиштата и таму сè уште за јужниот сосед сме Скопје и ПЈРМ, официјална Атина изминатиот период излезе со апел земјава да го почитува Договорот од Преспа, особено во контекст на предизборните пораки од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Христијан Мицкоски и употребата на терминот Македонија без придавката Северна.

Медиумите во Грција пишуваат дека Атина одблизу ги следи политичките изјави поврзани со Преспанскиот договор и употребата на името Македонија во изборната кампања на некои кандидати.

Министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетритис, за време на неговото учество на „Делфи економскиот форум“ порача дека доцнењето на ратификацијата на трите меморандуми со земјава не е поради внатрешните политички околности во Грција, туку поради „односите што се развиваат по Договорот од Преспа“, за кој уште еднаш повтори дека е меѓународен договор што не може еднострано да се смени и што ги обврзува сите влади.

И од американскиот Стејт департмент побараа Македонија да го одржи духот на Преспанскиот договор и потсетија дека согласно извршната наредба што во 2021 година ја потпиша американскиот претседател Џо Бајден, се предвидува замрзнување на имот и забрана за влез во САД на лица кои работат против Договорот од Преспа и Охридскиот рамковен договор.

Согласно со Преспанскиот договор, придавката во однос на државата, нејзините службени органи и други јавни институции треба да биде во согласност со официјалното име на државата, „на Република С Македонија“ односно нејзиното скратено име „на С Македонија“. (В.С.Н.)