Нема планирано велопатеки за новата населба кај фабриката „Карпош“ 

169

– За поздрав се планираните пешачки патеки, но за критика е недостатокот на велосипедска мрежа која би требало да се планира на секои максимум 250 метри – потенцираат од „На точак“. Тие навреме ги испратиле до Општина Ѓорче Петров забелешките што ги имаат за ДУП за ГЧ СЗ 16, во однос на недостатокот на инфраструктура. Од Општина Ѓорче Петров велат дека со Деталниот урбанистички план планирани се сообраќајници со соодветна вкупна широчина на профилот која на најголем дел од уличната мрежа овозможува и реализација на велосипедски патеки

Неформалната група на скопски велосипедисти „На точак“ реагира дека никаде не е предвиден велосипедски сообраќај во новопланираната населба за 5.900 жители на локацијата кај фабриката „Карпош“. Оваа населба е предвидена со ДУП за ГЧ СЗ 16 и е со опфат од 47 хектари во Ѓорче Петров, каде покрај 11 станбени згради се предвидени и основно училиште и градинка.

Од „На точак“ велат дека се работи за преголем опфат кој се планира „од нула“ и имало шанса да се испланира најдобро што може и од аспект на сообраќај, но и од сите можни аспекти.

– Од новопредвидените станбени и комерцијални објекти ништо не е изградено и има шанса за подобро планирање. За поздрав се планираните пешачки патеки, но за критика е недостатокот на велосипедска мрежа која би требало да се планира на секои максимум 250 метри – потенцираат од „На точак“.

Тие додаваат дека според нивна проверка, во текстот не се ни спомнувал префиксот – вело, не се споменати ни велосипедски патеки/ленти на улиците, ни задолжителни велосипедски паркинзи за новите објекти.

Јавната анкета за овој ДУП заврши на 10 септември, а од „На точак“ навреме ги испратиле забелешките што ги имаат за ДУП за ГЧ С3 16, во однос на недостатокот на инфраструктура. Тие сметаат дека е позитивно што Општина Ѓорче Петров, јавно го презентира планот, но оти е екстремно лошо што има кус рок и што не е доволно јавно презентирана, а заинтересираните треба да „копаат“ за да стигнат до овие документи од големо значење за сите жители на општината и градот.

Ова, како што потенцираат од „На точак“, е уште една пропуштена можност за креирање на ДУП по принципите „град за луѓе“.

– Иако во Планот за унапредување на велосипедскиот сообраќај на Град Скопје 2019-2021 стои дека велосипедскиот сообраќај ќе биде интегриран во просторното и урбаното планирање (Просторен план, Генерален урбанистички план, План за четврт) каде ќе се стави фокус на возењето велосипед, ние во овие две години откако е донесен тој план немаме наидено на ниту еден ДУП каде ова е испочитувано – забележуваат од „На точак“ и прашуваат дали воопшто Град Скопје го има искомуницирано тоа барање со општините и дали им ги враќа назад плановите кога не го интегрираат велосипедскиот сообраќај?

Од Општина Ѓорче Петров велат дека со Деталниот урбанистички план планирани се сообраќајници со соодветна вкупна широчина на профилот која на најголем дел од уличната мрежа овозможува и реализација на велосипедски патеки.

– Поточно, истите може непречено да се реализираат на булеварите „Партизански одреди“ „Илинден“, „Црногорска“ и на „Македонска војска“, како и на сервисните улици во внатрешноста: „С1“, „С2“ и „С3“. Единствено за три улици од внатрешноста е оценето дека нема потреба од реализација на физички одвоени велосипедски патеки, од причина што истите се планираат како зони на смирен сообраќај, за краен непосреден пристап до предвидените содржини – појаснуваат од локалната самоуправа.

(А.П.)

Нова населба за 5.900 жители ќе никне на местото на фабриката „Карпош“