Нема кој да гаси, недостиг на пожарникари и возила постари од три децении!

156

Што покажа пожарот во Кочани и на уште 13 локации низ Македонија? Немоќ на државата да се справи со пламените јазици, недостиг на пожарникари, противпожарни возила, неисправни канадери и хеликоптери кои не возат ноќе. Граѓаните беа оставени сами, со голи раце да се справуваат со пламената стихија. Ова е потврдено и со истражувањето и базата на податоци што ги изработи Центарот за граѓански комуникации.

-На 30-те територијални противпожарни единици во земјава им недостигаат најмалку 536 пожарникари за да имаат барем толку вработени колку што е законски пропишаниот минимум. Само четири од сите 30 противпожарни единици имаат повеќе пожарникари од законскиот минимум (и тоа само по еден или двајца), додека шест други единици имаат токму толку колку што бара минимумот. На останатите 20 единици им недостигаат вкупно 536 пожарникари за да го задоволат законскиот минимум. Најмногу пожарникари, повеќе од 200, му недостигаат на Скопје, се вели истражувањето на Центарот според кое, покрај недостигот на пожарникари, речиси да нема промена и во расположливоста со противпожарни возила во земјава. Според истражувањето и базата на податоци на Центарот за граѓански комуникации, во земјава има вкупно 241 противпожарно возило, со просечна старост на возилата од 28 години. За споредба, истражувањето од пред точно една година покажа дека земјата тогаш имала 220 возила, просечно стари 27 години. Ова значи дека возилата што се набавени во меѓувреме не биле нови и не го „подмладиле“ противпожарниот возен парк во земјава.

И директорот на ЦУК Стојанче Ангелов, признава дека е неопходна целосна и длабока реформа на целиот систем за управување со кризи, потврдувајќи дека работат со застарена опрема. Во повеќе наврати, додава, и со премиерот и со министрите за внатрешни работи и за одбрана разговарале и за набавка на нова опрема, а, како што рече, сериозно работат и на проектот за набавка на „медикоптер“ кој 24 часа ќе биде на располагање. Но, тоа, признава, се комплицирани реформи.

-Како држава имаме ограничени ресурси. Ние тоа мораме да го сфатиме, треба да работиме на зголемување на нашите капацитети, но нашите капацитети се тие со години, па би рекол со децении наназад, рече Ангелов.

Најголема прашина се дигна околу ангажирањето на армиските хеликоптери за кои македонскиот претседател Стево Пендаровски најави дека ќе бидат ангажирани уште вечерта, за час подоцна да појасни дека акцијата ќе ја одложи за утредента бидејќи хеликоптерите не можеле да летаат ноќе. Првиот човек на ЦУК дополни дека и летањето на хеликоптер на температури повисоки од 37 степени не е безбедно.

-Пред некоку дена при гаснење на пожар дојде до прегревање на хеликоптерот и опасност за посадата. Благодарение на храброста на пилотите и нивниот командант, хеликоптерот мораше да се крене на висина од 2000 метри за да се излади и да може безбедно да се врати во база, рече директорот на ЦУК.

Тој посочи дека не само македонските, и српските хеликоптери кои ќе пристигнат не можат да летаат на овие пеколни температури.

Од друга страна пак, загриженоста е уште поголема ако се знае дека „ер тракторите“ на ДСЗ остануваат приземјени во хангарите бидејќи се чека на нивно сервисирање. Неофицијално, последен сервис бил во јули 2019 година.

Премиерот Зоран Заев изјави дека ќе се направи брза интервенција за сервисирање на авионите, бидејќи без сервис не можат да полетаат. Тој најави дека Владата ќе се обиде да донесе одлука за брза набавка од Хрватска за сервисирање, за да се избегнат сите тие бавни постапки по јавните набавки. Доколку и се постигне договор за итно сервисирање на авионите, првиот би можел да биде ставен во функција дури во октомври, ако се има предвид дека за сервисирање ќе биде потребно од месец и половина до два месеци. (Е.А.)