Нема корона-ограничувања, ама нема ни пари за летување

Економската криза и беспарицата ја фрлија пандемијата во втор план. Така сега пандемијата веќе не е главната причина поради која не може да се летува како порано, сега проблем се парите. Од туристичките агенции велат дека и покрај тоа што голем дел од државите ги тргнаа корона-ограничувањата и не се бара вакцинален сертификат, ниту ПЦР-тест, интересот за летување е мал. Голем дел од граѓаните немаат пари да си дозволат ниту една недела летување, па бараат аранжмани од неколку дена. Туристичките аранжмани за Грција се зголемени од 20 до 40 отсто, а покачени се и аранжманите за Турција, Црна Гора, Хрватска...

218

Корана-ограничувањата веќе не се проблем за патување, туку економската криза и скапите аранжмани. Од туристичките агенции велат дека и покрај тоа што голем дел од државите ги тргнаа корона- ограничувањата и не се бара вакцинален сертификат, ниту ПЦР-тест, интересот за летување е мал. Голем дел од граѓаните немаат пари да си дозволат ниту една недела летување, па бараат аранжмани од неколку дена. Туристичките аранжмани за Грција се зголемени од 20 до 40 отсто, а покачени се и аранжманите за Турција, Црна Гора, Хрватска… Освен закупот, поскапеа и авионските карти, храната, горивата…

– Откако се тргнаа корона-ограничувањата, се зголеми интересот за патувања, но мора да кажам дека тоа не е некој бум во споредба со годините пред пандемијата. Економската криза значително влијаеше и врз туризмот како во нашата држава така и во Европа. Туристичкиот сектор сè уште ги чувствува последиците од корона-пандемијата. Има огромен пад на бројот на туристи во претсезона, што се должи на економската криза и на поскапувањата. Ги изгубивме аранжманите од голем дел од граѓаните кои останаа без работа поради пандемијата – вели за ВЕЧЕР Мирче Пешевски од ТА „Савана“.

Тој вели дека има интерес, но граѓаните годинава многу повеќе се интересираат за цените отколку за корона-ограничувањата. Стандардно, од земјите од соседството најголем интерес има за Грција, како и за Црна Гора, Албанија, Бугарија, Хрватска, за каде што нема никакви ограничувања. Додека, пак, за европските земји и за Турција и за Египет сè уште се бара важечки сертификат или ПЦР- тест.

И од другите туристички агенции велат дека годинава летувањето ќе биде порелаксирано во однос на рестриктивните мерки, но не и во однос на цените. Туристичките аранжмани за Грција се зголемени од 20 до 40 отсто, а покачени се и аранжманите за Турција, Црна Гора, Хрватска… Голем дел од граѓаните немаат пари да си дозволат ниту една недела летување, па бараат аранжмани од неколку дена.

– Како и минатата година така и годинава, најголем интерес има за Грција. Цените во однос на лани се зголемени за 20 до 40 отсто, а поради глобалниот раст на цените, има зголемување и на цените на гирото, лежалките, кафето, пивото… За разлика од лани, годинава има поголем интерес за ран букинг, а попустите важат до крајот на овој месец. Попустите се движат од 10 до 15, а за некои хотели има попуст и до 20 отсто – изјави за ВЕЧЕР Марија Велјановска од ТА „Ваикики“.

Цените за апартманско сместување за седум дена во Грција, во претсезона, се движат од 150 евра, па нагоре. Во сезона, цените за апартманско сместување се движат од 360 евра, па нагоре. Цените за хотелско сместување во Грција, полупансион, надвор од сезона се движат од 300 до 350 евра семеен пакет, а во сезона – од 560 до 600 евра. Голем дел од хотелите во Грција имаат бесплатно сместување за децата до 12 години. Во Турција, цените за хотелско сместување од 6 до 13 ноќевања се движат од 350 евра за лице, па нагоре.

Од агенциите велат дека во Грција многу од сопствениците на апартманите ги зголемиле цените за да ги надоместат загубите што ги направиле во изминатите две години. Факт е дека летувањата уште повеќе ќе поскапуваат поради повисоките цени на услугите, храната, горивата…

И туристичките работници во Црна Гора стравуваат дека скокот на цените на крајбрежјето може негативно да се одрази на туристите од регионот, на кој Црна Гора значително се потпира. Цените во кафулињата, рестораните и во продавниците се двојно зголемени во однос на лани. Така, на пример, ако минатата сезона пивото чинеше две и пол евра, сега чини пет евра.

И во Грција цените на брзата храна се значително зголемени. Така гирото кое беше 3,3, сега чини четири и повеќе евра. Шише „кока-кола“ е 1,90 евра, домашно пиво 0,5 литри точено е четири, додека увезено – пет евра. Лебот во Грција ќе ве чини 1 евро, сирењето 4,48 евра, а млекото 1,31 евро. За десет јајца во Грција се потребни 3,26 евра, а за пилешки гради без коски – седум евра. Цената на јаболката, бананите, портокалите, доматите, компирот, кромидот, оризот, зелената салата е повисока за 20, 30, 40 или за 50 центи откај нас.

(А.С.)