Нема да јадеме поевтина храна – трговците нема да се откажат од дел профитот!

Од Владата сметаат дека со донесување на Законот за нефер трговски практики до крајот на септември треба да стави ред во цените на овошјето, зеленчукот и прехранбените производи и да го спречи самоволието на трговците и доставувачите. Од СДСМ пак обвинија дека цените во Македонија неконтролирано продолжуваат да растат, а Мицкоски наместо да ги замрзне цените само „апелира“ до бизнисмените да ги намалат цените. Економистите се скептични дека Законот ќе го заузда растот на цените, а трговците ќе ги намалат маржите и ќе се откажат од дел од профитот. Граѓаните едвај чекаат да видат дали ќе се запре понатамошниот раст на цените на храната од што не можат глава да кренат последнава година

1245

Ќе стави ли крај на високите маржи на трговците новиот Закон за забрана на нефер трговски практики? Како што информираат од власта негово донесување до крајот на септември треба да стави ред во цените на овошјето, зеленчукот и прехранбените производи и да го спречи самоволието на трговците и доставувачите. Од СДСМ, пак, обвинија дека цените во Македонија неконтролирано продолжуваат да растат, а Мицкоски наместо да ги замрзне цените само „апелира“ до бизнисмените да ги намалат цените.

Економистите се скептични дека Законот ќе го заузда растот на цените, а трговците ќе ги намалат маржите и ќе се откажат од дел од профитот. Потрошувачите едвај чекаат да видат дали ќе се запре понатамошниот раст на цените на храната од што не можат глава да кренат последнава година.

Премиерот Христијан Мицкоски смета дека замрзнувањето на цените не е популарна мерка, но Владата мора да реагира, трговците да бидат одговорни.

-Не е популарна мерка да замрзнувате цени и да ограничувате маржа. Тоа нема врска со пазарна економија. Но, кога гледате дека одговорноста е сè помала и дека имате дуопол, триопол, а некогаш и монопол на пазарот, тогаш како Влада мора да реагирате со ваков тип мерки со кои ќе работите во интерес на граѓаните, изјави Мицкоски и додаде дека трговците треба да се однесуваат одговорно, бидејќи зависат од потрошувачката моќ на граѓаните.

За маржите кои трговците треба да ги приспособат до крајот на септември, Мицкоски е уверен дека се ќе биде завршено во најдобар ред.

Дел од економистите се скептични дека Законот за нефер практики навистина ќе воведе ред на пазарот и покрај тоа што казните се високи и достигнуваат до 20 илјади евра.

-Не верувам дека законот ќе се применува во сите маркети и оти ќе се намалат маржите на сите производи и во сите маркети. И покрај тоа што до крајот на септември треба да почне да се применува менаџерите на големите маркети се уште не добиле никакви инструкции за негова примена. Тоа покажував дека трговците немаат желба да го направат тоа, бидејќи ќе им се намалат приходите. Поради тоа сметам дека и овој закон како и други вакви закони во трговијата ќе останат само на хартија, изјави за весникот ВЕЧЕР, Љупчо Радовски од ССМ.

Според него, привремените мерки како замрзнување на цените и на маржите и покрај тоа што не се пазарни мерки имаат поголем ефект за потрошувачите.

-Од почеток гледаме дека овој закон нема да има широка примена и покрај тоа што казните се големи. Со оглед на тоа дека маржите треба да се намалат за поголем процент голем дел од маркетите може да пропаднат, бидејќи ќе немаат заработувачка, додава Радовски.

Според економистите пред да се примени законот треба да се види дали маржите се високи или пак набавната цена. Така на пример некој производ може има висока набавна цена, а маржата е само 10 отсто. Тие сметаат дека со примена на законот многу маркети ќе ги редуцираат производите кои ги продаваат, особено оние кои имаат повисока маржа и пократок рок на траење.

СДСМ бара Владата да ги напушти погрешните економските политики и итно да изготви сет мерки. Итно да ја ревидира сопствената економска политика која забрзано ги носи граѓаните кон сиромаштија.

– Владите во регионот спроведуваат низа мерки за да им помогнат на граѓаните. Владата на Србија спроведува акција „Подобри цени“ со поев на над 700 производи. Црногорската влада исто така ги ограничи маржите во трговијата на големо и мало за повеќе прехранбени и хигиенски производи. Нашите граѓани веќе одат во Врање да купуваат храна, а дома може да купат само моливи и тетратки по поевтина цена, мерка која е крајно задоцнета, обвинија од СДСМ.

Со Законот маржите на трговците ќе бидат ограничени на максимум 10 отсто од производствената цена, што е значително намалување од сегашните 30 до 40 отсто.

Оваа мерка се очекува да донесе пониски цени за потрошувачите и поголема правичност во трговијата.

Законот за забрана на нефер трговски практики беше донесен во март годинава и содржи околу 26 нефер трговски практики. На компаниите им беше оставен период од шест месеци да се приспособат. За непочитување на законските одредби, засега се предвидени глоби до 20.000 евра, а рабатот за околу 2.500 производи е ограничен на 10 отсто.

(А.С.)