Нема да сме подлизурковци и нема како папагал да ја повторувам придавката Северна

180

Немаме намера да бидеме подлизурковци, да се понижуваме самите себе, а од друга страна да ве ограбуваме вас граѓаните и да се однесуваме како деспоти, порача мандатарот за состав на Владата и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, откако вчера го доби мандатот од шефицата на државата. Мицкоски рече дека како предводник на владата е обврзан да ги почитува Уставот и законите, но очекува и градење добрососедски односи кои доликуваат на 21.век. Мандатарот повика наместо да се става акцент на човеково загарантирано право на употреба на името Македонија, да се стави фокус на подлабока анализа за тоа што Грција исполнила од Договорот. Тој најави дека откако и формално ќе станат дел од институциите, дипломатски ќе ги аргументираат и позициите, но нагласи дека нема да водат провокативна офанзивна политика, туку ќе градат мостови.

 -Нема да ме чуете како папагал да ја повторувам придавката, а позади завесата да ве ограбувам вас и да се однесувам како деспот, како монарх.Членот седум од Договорот, став 2 и 3 се многу јасни. Што значи кога едната и другата страна го употребуваат терминот Македонија и македонски, членот 1 од истиот Договор, рече Мицкоски и појасни дека го почитува Договорот од Преспа.