Уставниот суд, денеска, едногласно одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за ратификација на т.н. „Преспански договор“ и одлучи да ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на Указот со кој е прогласен овој закон.
-Уставниот суд денес едногласно одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за ратификација на конечната спогодба за решавање на разликите во резулуциите 817 1993 и 848 1993 на Советот на ОН за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување Стратешко партнерство меѓу странките. Судот одлучи да ја отфрли за оценување на уставноста на указот со кој е прогласен овој закон и да ја отфрли иницијативата за оценување на законитоста на претходните два акта и нивната усогласеност со член три од Законот за склучување и ратификација на меѓународни договори и Виенската конвенција за договорно право, изјави претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска.
Таа додаде дека Судот не навлегува во содржината на меѓународниот договор, наведувајќи дека во расправата поголем дел од дискусијата се водеше за непотпишување на Указот од страна на претседателот на Републиката.
-Во духот на Уставот, волјата на пратенците се персонифицира со волјата на граѓаните наспроти само на еден човек. Бидејќи системот на владеење на власта во нашата држава е парламентарна демократија, а не монархија, суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните и Уставот и законите важат подеднаково за сите, па дури и за претседателот на Републиката, изјави Кацарска.
Ваквиот расплет беше очекуван, смета еден од подносителите Тодор Петров, кој претходно најави дека нема да биде поведена постапка по иницијативата.
„Иако претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска предлагаше иницијативата да се отфрли бидејќи судот не е надлежен да ја оценува согласноста на Указот со Уставот, затоа што не претставувал нормативен општ акт, најверојатно е дека судите судии ќе одлучат дека судот е надлежен, ама нема да поведат постапка по иницијативата, затоа што сметаат дека собранискиот претседател Талат Џафери правилно постапил што законот го објавил и без потпис на претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, на указот за негово прогласување“, изјави за весникот ВЕЧЕР, Петров по завршетокот на седницата.
Тој додава дека иницијативата за поништување на указот за прогласување на законот за ратификација на Спогодбата Димитров – Коѕиас од 17 јуни 2018 година, е поднесена од Светскиот македонски конгрес (СМК) уште во јануари 2019 година.
„Веројатно иницијативата за оценка на законот за ратификација на Спогодбата Димитров-Коѕиас ќе биде на некоја наредна седница на Уставниот суд, во идно неизвесно време. За жал, уставните судии го легитимираа злосторничкото здружение со владата во суспензијата на правата и слободите на граѓаните и уставно правниот поредок на државата Македонија. Беа контрадикторни, селективни, пристрасни и ги анулираа надлежностите на претседателот на државата. Впрочем водеа расправа за одговорноста на претседателот без уставна постапка тоа да го прават. Повикувајќи се на уставната одредба дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите, самите го прекршија Уставот бидејќи не ја испочитуваат волјата на граѓаните од референдумот на 8 септември 1991 “за суверена и самостојна држава Македонија” без додавки и без придавки. А Спогодбата Димитров – Коѕиас, токму тоа го врши, го менува името на државата и идентитетот на мкедонскиот народ, има за задача Македонија од држава да стане територија без македонски народ и историја“, истакна подносителот Петров.
Инаку, подносители на инцијативите заедно со претседателот на СМК се и Ивица Ефремов и Ангеловски Стив од Битола, Солза Грчева,Томе Тодоровски.
– Со одредени наводи во иницијативите се тврди дека Указот за прогласување на Законот за ратификација на Конечната спогодба не е потпишан од претседателот на Република Македонија, што го прави тој акт спротивен со членот 51 од Уставот. Се тврди дека оспорените акти го нарушуваат владеењето на правото, наведено е во дел од иницијативите дека претседателот на Собранието на Република Македонија немал надлежност да утврдува одговорност дека претседателот на Републиката го кршел Уставот со непотпишување и во дадената ситуација, претседателот на државата не бил спречен да ја врши функцијата, за да биде заменет од страна на претседателот на Собранието, односно да го потпише Указот, со што се наведува дека е повреден и членот 82 од Уставот. Бидејќи претседателот на Републиката не го потпишал Указот, се наведува дека оспорениот закон не важи и не може да произведува правно дејство, односно објавување на Законот без потпис на претседателот на Република Македонија е грубо кршење на Уставот, соопштија пред седницата од Уставниот суд.
Во дел од иницијативите, посочија од Уставен, подносителите тврдат дека Спогодбата е ништовна бидејќи била во спротивност со меѓународното право на самоопределување на народите, правото на секој народ да избере свое име, идентитет, свои национални обележја, симболи и др. и во спротивност со Виенската конвенција за договорно право.
(И.С.)