Нема да одиме во Грција, но нема да летуваме ниту во Охрид туку во Албанија или во Црна Гора

Туристичкиот сектор и граѓаните со жестоки реакции на изјавата на министерот за економија, дека нема да преговара со Грција со цел нашите туристи да останат дома. Нема да одиме во Грција, но нема да летуваме ниту во Охрид ќе одиме во Албанија или Црна Гора бидејќи за таму не ни е потребен ПЦР тест, вакцина, а ниту дозвола од Владата, се дел од коментарите на граѓаните на социјалните мрежи. Велат дека државата треба да најде начин како да привлече повеќе странски туристи, а не граѓаните да ги принудува да летуваме во некој од домашните летувалишта, тоа не го прави ниту една држава.

4725

Не стивнуваат реакциите на граѓаните и туристичкиот сектор по изјавата на министерот за економија Крешник Бектеши дека нашата Влада нема да преговара со Грција со цел домашните туристи да летуваат дома. Нема да одиме во Грција, но нема да летуваме ниту во Охрид ќе одиме во Албанија или Црна Гора бидејќи за таму не ни е потребен ПЦР-тест, вакцина, а ниту дозвола од Владата, се дел од коментарите на граѓаните на социјалните мрежи. Велат дека државата треба да најде начин како да привлече повеќе странски туристи, а не граѓаните да ги принудува да летуваат во некој од домашните летувалишта, тоа не го прави ниту една држава. Граѓаните треба да имаат право на избор каде ќе летуваат, а државата треба да преговара за отворање на границите како што тоа го направи Србија.
Жестоки реакции пристигнаа и од туристичкиот сектор за кој најголем проблем се неискористените ваучери и нереализирани аранжмани за летото 2020 во Грција. Од туристичките агенции велат дека парите им се заробени во закуп на апартмани во Грција затоа треба да се најде решение како тие да се реализираат и да се обесштетат клиентите.
-Владата, како што и минатата година со ваучерите за домашен туризам го поттикна на работа тој сектор кој се соочи со огромна криза, може и годинава на идентичен начин да ги задржи македонските граѓани како туристи дома. Бенефит од тоа има и секторот кој ги дава тие услуги, туку и агенциите кои ги процесуираа ваучерите. Добро е да се размислува оваа услуга со домашните ваучери да оди само преку туристичките агенции. Тие се специјализирани, ќе го олеснат начинот на кој граѓаните ќе можат подобро да се организираат наместо сами да лутаат од хотел до хотел. Но, треба да биде јасна и позицијата дека доколку не се преговара со Грција, тоа не значи дека туристите кои решиле да отпатуваат за годишен одмор надвор од границите на државата тоа истото нема да го направат во Албанија, Турција, Египет и редица други туристички дестинации кои ги има во понудите на многу туристички агенции, велат за ВЕЧЕР од туристичката агенција „ЈК Травел“.
Најголемиот дел од ковид ваучери се за нереализирани аранжмани за лето 2020 во Грција. Сакале или не парите на агенциите и граѓаните се во Грција, па токму поради тоа државните институции треба да помогнат во решавање на ова прашање кое може да создаде многу проблеми во работата на агенциите. Средствата резервирани за оваа дестинација од 2020 година, реално нема начин како да се пренаменат.
– Бараме под итно стратегија која ќе го реши проблемот со неискористените ваучери, ќе преговара со сите релевантни фактори во странските држави, особено со Грција, за која дестинација најповеќе се заглавени нашите средства, за можност за патување со негативен ПЦР-тест, тест за антитела, антигени, кој било начин, но да се има избор. Граѓаните да имаат избор, а не да бидат оставени да чекаат до 31.12 што ќе се случува со ваучерите, велат од туристичките агенции.
И Демократскиот сојуз најостро ја осуди изјавата на министерот за економија, според кого, нема да се разговара со Грција за граѓаните да можат да патуваат во таа земја со цел да останат дома и да одмараат во нашите одморалишта.
-Таквите тези се својствени само за Северна Кореја. Обврска на министрите е да бараат решенија за слободно движење на граѓаните, а не да не затворат во рамките на Македонија. Сите ние долго време сме затворени во своите домови и дополнителни блокади не ни се потребни, велат од партијата.
Грција ќе ги отвори границите за српските туристи во мај, а можно е и порано, уште наредниот месец. Слободен влез ќе имаат вакцинираните, а ќе важат сите вакцини, вклучувајќи ги и оние кои не се одобрени во ЕУ. Останатите ќе мора да покажат задолжителен ПЦР или тест за антитела, а за деца до 10 години нема да биде потребна потврда за вакцинација.

(А.С.)