Хрватскиот интернационалец Иван Ракитиќ најпосле собра храброст и јавно призна дека е незадоволен од статусот кој го има во редовите на каталонскиот гигант Барселона. Искусниот играч за врска со години важеше за клучен играч на „Ноу Камп“, но се се промени за време на летниот преоден рок.
Актуелниот шампион на Шпанија ги осигура услугите на Френки де Јонг и Ракитиќ го загуби статусот на стандарден првотимец кој го имаше кај шефот на стручниот штаб, Ернесто Валверде.
Веднаш по првенствениот натпревар против Леванте (2:1), Хрватот откри дека челниците на Барса не биле фер кон него, но и кон сега веќе поранешниот тренер Валверде.
- Имаше многу работи кои не ми се допаднаа, нема да молчам, се јасно ќе кажам. Не ги заслужив тие работи, таквото однесување… Исто така можам да кажам дека не беше фер ниту како заврши соработката со Валверде и со неговите соработници, изјави Ракитиќ.
Кога е во прашање актуелната сезона, Ракитиќ најчесто натпреварите ги стартува од клупата за резервни играчи. Исто така, клубот преку спортскиот директор, Ерик Абидал, му порача дека треба да си побара нова клупска средина. За време на зимскиот преоден рок голем интерес за неговите услуги покажаа челниците на Јувентус и Манчестер Јунајтед, но Ракитиќ остана на „Ноу Камп“ затоа што е убеден дека ќе добие поголема минутажа од новиот тренер, Кике Сетиен.
- Да, размислував за промена на клупската средина. Тоа го знаат и луѓето кои во овој клуб ги носат главните одлуки. Сега сакам само да уживам., тоа што беше – помина, мора да свртам нова страница и да не се замарам со тоа. Јас секогаш изјавував – ако можам да играм за Барселона, тогаш сум среќен и не сакам да си заминам, додаде Ракитиќ.
Интересно, откако Кике Сетиен седна во тренерското столче, Ракитиќ повторно има статус на стандарден првотимец и добива предност пред холандскиот интернационалец Френки де Јонг.