Некој за време на избори ловеше во матно – втор инцидент во Вардар кај Долно Лисиче

842

Непознат сторител во средата, за време на изборниот ден, испушти голема количина на отпадна вода која ја пожолте водата во реката Вардар кај Долно Лисиче. Состојбата ја алармираа од Здружението „Рибар 2011“ кои веднаш го известија Инспекторатот на Град Скопје кој со асистенција на Државниот инспекторат за животна средина излегоа на лице место и земаа мостри од водата. Претходниот инцидентот во септември, на истото место, тогаш го признаа од „Либерти Скопје„ и за тоа платиле казна од 100.000 евра, но овој пат, ниту тие, а ни пак од „Макстил“ не пријавиле хаварија во нивните погони

Непознат сторител во средата, за време на изборниот ден, испуштил голема количина на отпадна вода која ја пожолте водата во реката Вардар кај Долно Лисиче. Состојбата ја алармираа од Здружението „Рибар 2011“ кои веднаш го известија Инспекторатот на Град Скопје кој со асистенција на Државниот инспекторат за животна средина излегоа на лице место и земаа мостри од водата каде од испусната цевка течноста се излеваше во Вардар.

– Земени се урнеци од водата и доколку се работи за истиот сторител од минатиот пат овој пат казната ќе биде многу поригорозна. Минатиот пат правниот субјект беше казнет со 100.000 евра – информираа од Инспекторатот на град Скопје.

Еколошкиот инцидент наиде на револт кај скопјани кои повикаа надлежните да си ја вршат работата и да не дозволуваат некој(и) да ја уништуваат животната средина.

– Каква срамота. Си играте со нас граѓаните, не труете, па уште и реката ја отрувте. Дефинитивно, Министерството за животна средина и Инспекторатот мора да ги отворат вратите и да видат кој нè убива. Некои се заборавиле и мислат дека е од татко им. Потребни се способни луѓе во тоа министерство и оние кои ја сакаат својата земја чиста и зелена – коментира Соња Глинџарска која побара поостри и поголеми казни за, како што вели, „уништувачите“.

Жители на Гази Баба велат дека ова е честа глетка на реката Вардар во Долно Лисиче, некогаш трае пократко, а некогаш и со денови и се прашуваат има ли нешто поважно од здравјето на луѓето.

Водата во Вардар пожолте и во септември минатата година и тогаш беше најден виновникот на еколошката катастрофа – „Арцелор Митал – Либерти Хаус Груп“ која беше казнета со 100.000 евра и како што неофицијално се дознава, казната е платена. Дали од погонот на истата компанија и овој пат е истечена жолтата течност, сè уште нема точна информација бидејќи истрагата е во тек.

– По добиена дојава за обојување на водата во реката Вардар кај мостот „Близнаци“, државните инспектори за животна средина веднаш излегоа на терен. Притоа, направена е инспекциска контрола во двата правни субјекти: „Либерти Скопје“ и „Макстил“ АД, кои се наоѓаат во комплексот на бивша Железара и за кои инспекторирањето е во надлежноста на Државниот инспекторат за животна средина. Направен е комплетен увид, како и контрола на пречистителните станици на двата правни субјекта. Увид е направен и на местото каде колекторот се влева во реката Вардар и од таму се земени мостри кои ќе се дадат на анализа во акредитирана лабораторија – велат од Државниот инспекторат за животна средина.

Инаку, ниту „Либерти Скопје“, ниту „Макстил“ АД немаат пријавено било каква хаварија, а при увидот во пречистителните станици не е забележано обојување на отпадните води.

Еколошката катастрофа во септември се случила поради пукање во погонот на „Либерти Скопје“, при што дошло до излевање на материјал измешан со железо и киселина без соодветно да биде третиран во системот за отпадни води и обоена црвеникаво-жолта отпадна вода завршила во реката Вардар. Од „Либерти Скопје“ тогаш објаснија дека станува збор за технички инцидент кој се случил на линијата лужилница.

Од Државниот инспекторат за животна средина тогаш се заканија дека ќе го затворат погонот и дека ќе поднесат кривична пријава за раководството.

(С.Бл.)