Неколку часа откако беше избрана, првата жена премиер на Шведска поднесе оставка

163
Неколку часа откако денеска беше избрана за премиер на Шведска, Магдалена Андерсон поднесе оставка бидејќи парламентот не го поддржа владиниот предлог буџет, а коалицискиот партнер Зелени ја напушти малцинската влада.
„Се работи за почит, но исто така не сакам да водам влада чиј легитимитет може да биде доведен во прашање“, рече Андерсон на прес-конференција.
Таа го информираше претседателот на парламентот Андерас Норлен дека сè уште е заинтересирана да води еднопартиска социјалдемократска влада.
Таа рече дека „коалициската влада треба да поднесе оставка доколку некоја партија излезе од владата“. „И покрај тоа што парламентарната ситуација не е променета, потребно е повторно да се гласа.
Претседателот на шведскиот парламент Андреас Норлен изјави дека ја прифатил оставката на Андерсон и дека утре по разговорите со партиските лидери ќе објави натамошни потези, пренесе шведската новинска агенција ТТ.
Предлог-буџетот на Владата беше отфрлен во корист на предлогот на опозицијата, вклучително и десничарските демократи.
Зелените најавија дека се подготвени повторно да ја поддржат Андерсон во новото гласање за избор на премиер.
Усвоениот буџет се базира на владиниот предлог, но од 74 милијарди круни (8,2 милијарди долари) што владата сакаше да ги потроши за реформи, нешто повеќе од 20 милијарди круни ќе бидат прераспределени следната година, објави шведската телевизија СВТ.
Буџетот има за цел да ги намали даноците, да ги зголеми платите на полицајците и да ги зголеми трошоците за различни сектори на шведскиот правосуден систем.