Од почетокот на тековната седмица, екипите на јавното претпријатие Комунална Хигиена подигнале и транспортирале приближно 20 кубни метри кабаст, градежен и мешан комунален отпад од голема дива депонија лоцирана на булеварот „Христијан Тодоровски-Карпош“, во скопската општина Бутел.
Освен тоа, како што информираат од претпријатието биле отстранети и вкупно 40 кубни метри отпад од повеќе мини-депонии лоцирани на главната улица во општината Ѓорче Петров, на улицата „Владимир Полежиновски“ зад Универзалната сала, како и на улицата „Самоилова“, во близина на Амбасадата на САД.
Воедно, во текот на вчерашниот ден, претпријатието спровело и миење и дезинфекција на садовите за одлагање на отпадот заедно со нивните микролокации, на штотуку реконструираната улица „Даме Груев“ во скопската општина Центар.