Околу 10 илјади работници во државата не земаат ни минимална плата. И покрај тоа што минималната плата во државата е загарантирана со закон и изнесува 22.567 денари, некои газди во државата не ја исплаќаат ни неа. Според податоците на Сојузот на синдикатите на Македонија, 9.148 вработени лица во државата земаат плата од еден денар до 22.566 денари, на минимална плата се 22.887 вработени лица, а од минимална до просечна, односно од 22.568 денари до 41.251 денар земаат 341.021 вработено лице.
Од Државниот инспекторат за труд информираат за весникот ВЕЧЕР дека редовно се вршат инспекциски надзори.
– Во текот на 2024 година се извршени вкупно 70 инспекциски надзори по истиот основ, при што се донесени 26 решенија за отстранување на недостатоците, од кои 21 опомена и 5 наредби. Врачени им се 5 прекршочни платни налози на работодавците за прекршување на законот – информираат од Инспекторатот.
Оттаму додаваат дека во текот на 2023 година се извршени вкупно 94 инспекциски надзори од државните инспектори за труд, по основ на исплата на плата под минималната утврдена со закон, при што се донесени 34 решенија за отстранување на недостатоците, од кои 26 опомени и 8 наредби. Врачени им се 6 прекршочни платни налози на работодавците за прекршување на законот и поднесено е едно барање за поведување прекршочна постапка до надлежен орган.
– Нашата борба за раст на платите и за склучување на колективните договори не е политичка борба како што сака да ја претстави некој. Нашата борба е за достоинствен живот од нашиот труд, за достоинствени плати што ќе ни овозможат да преживееме на крајот од месецот. Нашето очекување за раст на платите и за усогласување на платите во согласност со предвидените одредби е потреба што требаше да се случи вчера, а утре може да биде доцна. Од тие причини, повикуваме да седнеме на заедничка маса и преку социјален дијалог, како социјални партнери, да утврдиме сè што е во интерес или ги засега работниците – изјави за весникот ВЕЧЕР Иван Пешевски, потпретседател на Сојузот на синдикатите на Македонија.
ССМ побара склучување колективни договори и на нивните анекси, со цел вработените во Македонија да ја добијат просечната плата по коефициент на сложеност, а со тоа и раст на нивните плати меѓу 12 и 15 проценти наредната година.
– Очекуваме од Владата, како социјален партнер, да се потруди да обезбеди финансиски средства, да изнајде начин и можности за усогласување на платите на работниците во дејностите кои се нужни и неопходни, а кои, за жал, токму поради изборниот процес, не добија никакво усогласување на своите плати. Повикуваме на почитување на колективните договори и на социјален дијалог, преку кој ќе успееме да ги пренесеме нашите очекувања и нивните можности и да најдеме решение што ќе значи добро за работниците. Во спротивно, сè ќе биде исклучиво на штета на работниците, а со тоа и на штета на државата – велат од ССМ.
Од Синдикатот бараат склучување општ колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, потпишување на анексите на колективните договори за усогласување на платите на вработените во јавниот сектор, како и раст на минималната плата, која, за жал, се политизира, иако ниту еден работник не треба да прима плата под овој праг.
Од Владата, и покрај тоа што најавија дека зголемувањето на платите ќе биде високо на врвот на нивната агенда, сепак, на повидок нема ништо од зголемување на платите.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, кога стапи на функцијата, вети дека ќе се залага за отворен дијалог во рамките на Економско-социјалниот совет (ЕСС) и оти уште на првиот состанок под негово претседавање ќе се разгледа барањето на синдикатите за зголемување на минималната плата на 450 евра уште во првите 100 дена од формирањето на новата Влада.
– Мора да ги имаме предвид интересите на работниците – рече Дурмиши.
Но, само пред неколку дена, рече дека не треба да се брза со зголемувањето на минималната плата, кое, според усвоената методологија, секако, ќе се случи во март наредната година.
Поднесено е барање до Владата да се конституира економско-социјалниот совет. Според закон, минималната плата ќе се зголеми следната година, во март. За да има зголемување на минималната плата, претходно, како што бараат синдикатите, треба да се направи смена на законот, а за тоа треба зелено светло од економскиот-социјален совет, значи најпрво треба да се формира тој совет, вели Дурмиши.
Дециден е дека сите одлуки мора да се носат откако претходно ќе се слушнат барањата на сите инволвирани страни, односно и на работниците и на бизнисот.
(А.С.)