Некогаш ја храневме цела Југославија, а сега немаме ни за леб!

Земјоделците, незадоволни од земјоделската политика што ја води државата, на 16 август ќе излезат на протест и ќе блокираат повеќе патишта низ државата. Велат дека загрижува фактот што Македонија од земјоделска земја стана увозно зависна, што во услови на здравствена, енергетска и економска криза предизвика големи поскапувања на прехранбените производи. Ќе останеме без земјоделските производи кои ги произведувавме во големи количини и кои ги извезувавме во поранешна Југославија, како домати, пиперки, зелка, ориз... Освен домати, пиперки, зелка, ќе немаме и ориз, површините се намалуваат, нивите остануваат запуштени, предупредуваат тие

286

Земјоделците се незадоволни од земјоделската политика што ја води државата. Велат дека, освен субвенциите, доцнат и владините мерки за помош во земјоделството, за зелена нафта, за ѓубрива… а трошоците се значително зголемени во однос на лани. Горивата од 60, се качија на 100 денари за литар, а ѓубривата од 800 на 2.800 денари за вреќа. Тие ќе го искажат своето незадоволство на 16 август, на протест, со блокирање на повеќе патишта низ државата. Велат дека загрижува фактот што Македонија од земјоделска земја стана увозно зависна, што во услови на здравствена, енергетска и економска криза предизвика големи поскапувања на прехранбените производи. Ќе останеме без земјоделските производи кои ги произведувавме во големи количини и кои ги извезувавме во поранешна Југославија, како домати, пиперки, зелка, ориз…

На проблемите во земјоделството им нема крај. Освен високи цени на ѓубривата, семињата, препаратите за прскање, нафтата, и ниските откупни цени на производите ги мачат земјоделците.

– Најголем проблем е откупната цена на земјоделските производи – оризот, јачменот, пченицата, пченката… И покрај тоа што се очекуваше дека годинава, поради моменталната состојба со недостигот на храна, откупните цени ќе бидат повисоки, сепак, не се случи тоа. Цените на репроматеријалите се многу повисоки од лани, а откупната цена на оризовата арпа е иста. Површините под ориз се намалени, а многу ниви годинава останаа запустени. Земјоделското производство е значително намалено поради лошата владина политика, скапите репроматеријали и ниските откупни цени – вели за ВЕЧЕР Стојче Ташковски од Здружението на оризопроизводители од Кочани.

Според него, за неколку години и производството на ориз може да биде доведено во прашање. И покрај тоа што засега, со овие количини, ги покриваме потребите на домашниот пазар и имаме извоз во Србија, Косово, Турција, Босна… површините под ориз секоја година се намалуваат.

– Освен без домати, пиперки, зелка, ќе останеме и без ориз и други земјоделски култури. Младите се иселуваат, нивите остануваат празни, цените на производството се повисоки од продажните и земјоделците немаат есап да садат. Трудот на земјоделците веќе одамна не се исплати – вели Ташковски.

Земјоделците бараат предвремена исплата на субвенциите, но и исплата на зелената нафта за да се амортизира, колку-толку, ударот од поскапувањето на репроматеријалите и на нафтените деривати.

– Субвенциите се далеку пониски отколку што треба и не се даваат во периодот кога им се најпотребни на земјоделците. Од друга страна, цените на репроматеријалите секојдневно се зголемуваат, струјата, нафтата, ѓубривата, пестицидите… Неизвесноста околу пласманот е уште еден проблем. Никој не знае каде и по која цена ќе ги продаде своите производи. Лани, продажната цена беше пониска од производствената. Поради ниските откупни цени, земјоделците се откажуваат од производството, а насадените површини се намалуваат. Порано храневме 22 милиона луѓе, а сега немаме храна ни за 1,5 милиони – вели за ВЕЧЕР Ристо Велков, претседател на Регионалниот сојуз на земјоделци од Струмица.

И од Националната федерација на фармери (НФФ) оценуваат дека во однос на храната, земјава станува увозно зависна, што загрижува, особено сега, во услови на здравствена, енергетска и економска криза, а не се исклучени и уште поголеми поскапувања на прехранбените производи.

– Стануваме увозно зависна држава за храна. Во 2020 година, увозот на храна и на живи животни изнесуваше 618 милиони евра, а извозот – 392 милиона евра. Најголем увоз се бележи кај месото, потоа кај зеленчукот и овошјето, па кај житарките, млекото и млечните производи, како и кај шеќерoт. Овие факти загрижуваат и ние, како увозно зависна земја, се соочуваме со негативни влијанија врз македонската економија. Ќе следуваат уште поголеми поскапувања на прехранбените производи и тоа се случува секаде во регионот, па и во светот. Притоа, најголема штета трпат земјоделците и потрошувачите. Кај нас има еден парадокс – поскапуваат прехранбените производи, а примарните земјоделски производи се со ниски откупни цени, без разлика што и тука цените на инпутите растат, како што се нафтата, заштитните препарати, ѓубривата, додека сезонска работна сила нема или е многу скапа – вели претседателката на НФФ, Васка Мојсовска.

Таа нагласува дека ваквите движења во земјоделството, каде што цените на откупените производи се многу ниски во однос на цените за производство, влијаат демотивирачки врз малите земјоделци, кои стихијно почнуваат да ги намалуваат своите површини и да ги напуштаат руралните средини.

Земјоделците потенцираат дека треба да се развиваат преработувачки капацитети за да може да се зголеми откупот на домашни производи со кои треба да се произведуваат домашни преработки на зеленчук и на овошје. Ако не се решат проблемите во земјоделството, не само што ќе останеме увозно зависна држава туку ќе имаме уште поголеми поскапувања на прехранбените производи, и тоа особено кај оние каде што потрошувачката е најголема, а тоа се лебот, млекото и месото.

(А.С.)