Младата уметница и дизајнерка Моника Блажевска пошироката јавност за првпат ја запозна во 2018 преку самостојната изложба „Љубовта е уникат… … уникат е и БМ“ на која беа претставени нејзините уметнички слики, но и цртежи на облека со која ги одушеви љубителите на уметноста, но и модата.

Иако таа повеќе од шест години е активна на уметничката, но и на дизајнерска сцена во државата, во минатите години, нејзината уникатност и неисцрпна креативност постојано се надградуваа, па завчеравечер таа пред љубителите на уметноста се претстави со нова, трета по ред изложба.

Во нејзината галерија во ТЦ Лептокарија таа пред присутните се претстави со уникатни скулптури од дрво, кои предизвикаа голем интерес кај посетителите.
„Овој пат мојата самостојна изложба е малку поразлична од претходните две. Се претставувам со скулптури од дрво на кои се засадени бонсаи, но и сукуленти. Се работи за колекција на 11 уникатни скулптури изработени од природен материјал бор, орев и цреша. Всушност повеќето се корења од бор. Тие се обработени во зависност од инспирацијата што ја имав , вели за весникот ВЕЧЕР, Блажевска. А секоја скулптура има свое име и приказна.

Така, едната се вика „Евиа“, бидејќи асоцира на остров, а како што вели уметницата , изработена е од бор со засаден мов и дрвце бонсаи. Другата е насловена „Феникс“ и наликува на птица…, со кактус и постолје од орев.

„Имам и скулптура која ја нареков Исусова гранка и за која бев инспирана од филмот ‘Мојсеј’. Таа има постолје изработено од цреша на кое е засадена мов. Изгледа како скулптурите да лебдат над земјата. Всушност секоја скулптура има своја приказна.

Наменети се за работниот простор, но и домот бидејќи зрачат со позитивна енергија и носат мир. Инаку, инспирацијата ја добив сосема случајно. Во околината кај што живеам имаше ‘мала колекција’ од корења, извадени од земја од страна на работниците кои тука поставуваа цевки.

Беа од борот, суви, но ме освои нивната природна убавина. Ги собрав, ги исчистив и ги обработив со длето. Ги чистев од кората додека не станаа мазни и почнаа да добиваат одредена форма, па сами по себе го добија и името. И сега сум во потрага по нови и интересни корења, а во изработката ми помага и татко ми“, вели Моника.

Таа и понатаму со несмалено темпо изработува и слики, масло на платно и сликање на облека. Изработува рачно насликани портрети на маички, марами, фустани, по што стана препознатлива, барана, популарна, и се издвои како урбана уметница.
Блажевска средното образование го заврши во уметничкото училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје, а дипломираше на Европскиот универзитет-Скопје, Факултет за арт и дизајн, насока- графички дизајн.