Неизвесно отворањето на кината во нашата земја, но сосем извесно во регионот

76

Се чини дека, со повторното зголемувањето на бројот на позитивни од коронавирусот во нашата земја, сè уште е неизвесно кога ќе можат гледачите да се вратат во киносалите. Од кината „Синеплекс“ и „Милениум“ со сличен став: киносалите лоцирани во двата најголеми трговски центри во земјата – Сити мол и Градскиот трговски центар ќе се отворат кога Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство ќе дадат зелено светло и ќе оценат дека гледањето филмови на големото платно во затворен простор е безбедно за граѓаните

Иако од претходната недела во Македонија почнаа да се случуваат “изложби во живо“, а со тоа некои од галериите во Скопје ги отворија вратите за посетители, се чини дека, со повторното зголемување на бројот на позитивни од коронавирусот во нашата земја, сè уште е неизвесно кога ќе можат гледачите да се вратат во киносалите.

Нашите два соговорника, од кината „Синеплекс“ и „Милениум“ беа со сличен став: киносалите лоцирани во двата најголеми трговски центри во земјата – Сити мол и Градскиот трговски центар ќе се отворат кога Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство ќе дадат зелено светло и ќе оценат дека гледањето филмови на големото платно во затворен простор е безбедно за граѓаните. Се разбира, истото ќе се случи според донесените протоколи од нивна страна.

За разлика, пак, од нашата земја, во регионот веќе интензивно се размислува за отворање на киносалите, а како што е познато и Кина, од каде што започна да се шири ковид-19 низ целиот свет, веќе ги отвори кината во повеќе провинции.

Како што посочија за весникот Вечер од Младинскиот културен центар, под чија надлежност се „Милениум“ и „Фросина“ отворањето на кината ќе зависи пред сè од прекинот на забраната за одржување на културни настани и манифестации, која е сè уште на сила. „Тимот на МКЦ активно ги следи развојот на настаните поврзани со заразата од коронавирусот и насоките дадени од надлежните институции и постапува согласно истите“, истакнаа оттаму.

Запрашани дали размислувале и какви би биле протоколите, од МКЦ со одговор дека во оваа фаза се предлагаат мерки за заштита кои би биле соодветни.

„Но она што може да се каже за двете кино сали, а особено за ‘Милениум’ што за разлика од ‘Фросина’ е кино со редовен репертоар, е дека нивниот капацитет (големината на кино салите и бројот на седишта) е секако предност во однос на одржување на физичката дистанца помеѓу посетителите, што веруваме дека ќе ја охрабри публиката да се врати на проекциите, кога тоа ќе биде дозволено“, ни истакнаа од МКЦ.

Што се однесува, пак, до дистрибутерите, од МКЦ велат дека нивната понуда ќе зависи од отворањето на киносалите во земјите во Европа. „Засега имаме добиено понуда од еден дистрибутер кој најави нови наслови од средината на овој месец“, ни истакнаа тие.

И од „Синеплекс“ додаваат дека киното останува затворено сè додека Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство не донесат поинаква препорака. „Во регионот, кината на ‘Синеплекс’ ќе отворат кога тамошните власти ќе дадат зелено светло. Се очекува киното ‘Синеплекс’ во Грција да почне со работа од 15 јуни, а набрзо и кината во Косово“, изјавија за Вечер од „Синеплекс“.

Како што ни истакнаа оттаму, киното „Синеплекс“ во Скопје ќе ги почитува сите препораки од Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство кога ќе се донесе одлуката за повторно отворање.

Како што е познато, киносалите во нашата земја, ги откажаа филмските проекции и ги затворија вратите за публиката во првата половина на март оваа година, кога за првпат почна да се зголемува и бројот на случаи од ковид- 19. Во овој период почнаа да се откажуваат и сите претстави, изложби и концерти кои беа закажани во тој, но и во наредниот период.

Што се однесува пак за Кина од каде што започна ширењето на вирусот, таа од крајот на март веќе почна да отвара дел од киносалите во одредени провинции, во согласност со мерките што претходно ги утврдиле властите. Со овој потег, како што пишува Deadline, во земјата почна да се враќа културно-забавниот живот по месеците поминати во страв и загриженост. Најголем број посети на кината се забележани во областа Синкјанг, на северозападниот дел од земјата, каде се отворила и првата киносала откако земјата во средината на јануари ги затворила вратите на сите кино-објекти. Од другите провинции кои ги отвориле кината се и: Внатрешна Монголија, Сичуан, Чингхај, Хенан, Фуџен и Гуангдунг. (Н.И.Т.)