Силното невреме што во петокот го зафати северно-индискиот регион Агра, а во кое загинаа 13 луѓе, го оштети индискиот споменик на архитектурата Таџ Махал.
Оштетени се главната капија и две огради што се наоѓаат под нејзините пет возвишени куполи, објавено е денеска.
„Оградата која е дел од оригиналната градба е оштетена. Уште една, понова градба, лажен плафон во зоната каде туристите чекаат и основата на главната влезна капија исто така се оштетени“, изјави шефот на археолошката служба на Индија, Вантс Кумар Сварнкар.
Главната зграда на мавзолејот, што го изградил могулскиот цар на Индија, Шах Јахан, (Кралот на светот) за својата сакана сопруга Мумтаз Махал, која починала во 1631 година, не е оштетена.
Едно од новите седум чуда на светот, најголемата туристичка атракција во Индија, Таџ Махал, е затворена уште од средината на март, како дел од мерките во борбата против пандемијата на коронавирус.