Невработените не прифаќаат работа под 30 илјади плата

Потребата од дополнителна работна сила на пазарот на труд, како што најавуваат од Владата ќе се решава со увоз на работници. Ако сакаме да имаме економски раст и развој неопходна ни е работна сила. Економските експерти сметаат дека нема логика  да увезуваме работна сила кога имаме висока стапка на невработеност од 14,2 отсто. Речиси да не можат да се најдат лица за работа во градежништвото, услужниот сектор и во голем број други индустрии. Од друга страна, пак работодавачите велат дека невработените поставуваат низа услови и не сакаат да прифата работа за плата под 30 илјади денари

534

Недостигот на работна сила станува сериозен проблем во државата. Потребата од дополнителна работна сила на пазарот на труд, како што најавуваат од Владата ќе се решава со увоз на работници. Ако сакаме да имаме економски раст и развој неопходна ни е работна сила. Економските експерти сметаат дека нема логика  да увезуваме работна сила кога имаме висока стапка на невработеност од 14,2 отсто. Речиси да не можат да се најдат лица за работа во градежништвото, услужниот сектор и во голем број други индустрии. Од друга страна, пак работодавачите велат дека невработените поставуваат низа услови и не сакаат да прифата работа за плата под 30 илјади денари.

-Ние немаме закон кој ќе ги натера невработените да се доквалификуваат или преквалификуваат. Порано се правеше тоа со бришење на пасивните од списокот на активните баратели на работа, но со измените на Законот за здравствено осигурување, сите невработени добиваат здравствено и сега нема никаква можност да се натераат да прифатат доквалификација или преквалификација, изјави за ВЕЧЕР Ангел Димитров од Организацијата на работодавци.

И Миле Бошков од Бизнис конфедерација смета дека не може само државата и фирмите да вложуваат во квалификација и преквалификација, туку потребно е и невработените да вложат во својата професионална кариера.

-Голем дел од невработените ги користат социјалните бенефити и покрај тоа што се водат како невработени. Невработените кои работат на црно имаат право да користат здравствено и социјално осигурување без никаков трошок, поради тоа не се вработува. Од друга страна, оние кои се вистински невработени поставуваат низа услови и не сакаат да прифата работа за плата под 30 илјади денари, бидејќи сметаат дека се преквалификувани за одредено работно место и оти заслужуваат повеќе, изјави Бошков за ВЕЧЕР.

Според него,  на пазарот има сериозен недостиг од работна сила, па затоа според стандардот на работниците и платите во регионот и пошироко, сметаме дека ќе мора да се потпираме на работна сила која ќе мора да ја донесеме од блискиот и далечниот исток, а можеби и од други континенти.

И економистите недостигот на кадар, го оценуваат како сериозен проблем за Македонија, бидејќи работната сила е нашиот највреден ресурс. Ако сакаме развој мораме да вложуваме во работната сила која може да ја извлече економијата напред.

-Увозот на работна сила е една од мерките, но пред да дојдеме до неа има уште две мерки кои се многу побитни. Потребно е на постојната работна сила да ѝ се зголемат квалификациите за да се зголеми нивната продуктивност. Работодавачите треба да вложат во работната сила, односно да ѝ овозможат доквалификација и преквалификација, а потоа да бараат увоз од надвор. Исто така, треба да се вложи во подобра технологија, како и во дигитализација и автоматизација на работните процеси и ако со овие мерки не се реши недостигот потоа да се зборува за увоз на работна сила, изјави за ВЕЧЕР, универзитетскиот професор Ванчо Узунов.

Од Владата сметаат дека увозот на работна сила е неминовно решение за недостигот на работна сила со која се соочува нашата земја.

-Додека работиме на доквалификација и преквалификација на одредена група невработени во земјава за да ги прилагодиме на потребите на пазарот, дополнително ќе мора да се најде начин да се надополни одливот на работници. На пазарот на труд има недостаток на работна сила и мора да одговориме на тој предизвик ако сакаме да имаме забрзан економски раст, посочи вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.

Во однос на тоа дали од постојните невработени може да се најдат квалификуваните кадри кои што ги бараат компаниите и оттаму да се земат наместо да се бара увоз на работна сила, Битиќи вели дека примарно работната сила ја бараат од тие кои се активни баратели на работа во земјава, но констатација на сите е дека се уште имаме недосток на работна сила во некои сектори и специфична квалификувана работна сила.

(А.С.)