Неверојатно откритие: Научниците воочиле „сигнал за живот“ на Венера

148
Фото: NASA Venera

Траги од гасот фосфин се откриени во атмосферата на Венера, а ова изненадувачко откритие може да навести непознати процеси што се случуваат на Венера.

Ова ја отвора можноста дека во облаците на Венера може да има живи организми бидејќи присуството на фосфин на Земјата сугерира живот, пишува BBC.

Истражувачите не откриле конкретни форми на живот, но забележале дека на Земјата фосфинот се произведува од бактерии што виреат во услови без кислород. Меѓународниот научен тим најпрво го забележал фосфинот со помош на телескопот Џемс Клерк Максвел на Хаваите и го потврдил со помош на радиотелескопот (АЛМА) во Чиле.

Фосфинот е гас чија молекула се состои од еден атом на фосфор и три атоми на водород.

На Земјата, фосфинот е поврзан со живот, со микроби кои живеат во цревата на животни како пингвини или во средини сиромашни со кислород, како што се мочуриштата.

Фосфинот на Земјата е запалив, има мирис и е отровен, а го произведуваат бактерии на кои не им е потребен кислород. Се поставува прашањето од каде потекнува фосфинот на Венера?

Со оглед на сè што знаеме за Венера, никој сè уште не бил во можност да го опише абиотскиот пат до фосфинот, не во количини во кои е откриен.

Тоа значи дека животниот извор на фосфин заслужува разгледување, заклучува Би-Би-Си.