На kupuvamdomasno.gov.mk се ажурира списокот на лицата кои ќе добијат по 6.000 денари

6584

Почна ажурирањето на интернет-страницата kupuvamdomasno.gov.mk. На таа страница со впишување на матичниот број граѓаните ќе можат да проверат дали се на списокот на лица на кои им следува државната помош од 6.000 денари за купување домашни производи.

На страницата има објава која гласи: Почитувани, во моментов се ажурираат листите на корисници и истите ќе бидат достапни наскоро, а сличен текст се појавува и кога ќе се впише матичен број во полето наменето за тоа.

Откако на 7 овој месец стапи во сила Законот преку кој се обезбедува оваа помош рокот за објава на првиот список истекува задутре, а крајниот рок за уплата на парите на сметките на граѓаните е 22 декември. Парите треба да се потрошат до 25 декември.

Оваа помош ќе ја добијат пасивни баратели на работа, пензионери со минимални пензии, средношколци и студенти, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници.