Крсте С. Џидров, еден од најзначајните македонски сценографи и архитект, познат по прекарот Џиби, почина на 73-годишна возраст.
Џидров (роден 1950 во Скопје) од 1970 година има направено сценографии за над 150 претстави во театрите низ Македонија, Хрватска, Косово, Србија, Шведска, Бугарија, БиХ, плакати за 70 претстави, сценографии за 10 филма, имал голем број изложби и добил повеќе награди. Соработувал со плејада режисери, меѓу кои: Владимир Милчин, Димитар Станкоски, Коле Ангеловски, Слободан Унковски, Дритро Касапи, Зоја Бузалковска, Благојче Божиновски, Примож Беблер, Бесфорт Идризи, Рефет Абази, Дино Мустафиќ… Во 2018, кога славеше 35 години активна театарска дејност, јубилејот беше обележан со ретроспективна изложба на Млад отворен театар (МОТ). Во Младинскиот културен центар, на 96 паноа, тој ги изложи педантно собираните сценографии, цртежи, скици и фотографии, скици и макети од претставите и филмовите што ги работел од 1970-тите, па наваму. Во 2021 ја доби наградата за животно дело на 55. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.