На 15 јуни на Градскиот стадион во Скопје: Здравко Чолиќ повикува на голема журка

53

 

Една од најголемите музички ѕвезди на балканскиот простор и миленик на сите генерации, легендарниот Здравко Чолиќ (67) на 15 јуни (21 часот), ќе одржи голем солистички концерт на Градски стадион (Национална Арена “Тоше Проески“) во Скопје, во организација на „Прагма продукција“. Тој пред присутните на вчерашната прес конференција нагласи дека е среќен што повторно ќе одржи концерт на овој стадион.

“Не е важно дали стадионот ќе биде полн или не, најважно е на концертот да има убава енергија. Колку се сеќавам, најпосетен концерт во Скопје ми беше тој во 2008, на плоштадот кога се собра 120-илјадна публика“, изјави Чолиќ на прес конференцијата одржана на стадионот.

Билетите по симболична цена од 300 денари се веќе пуштени во продажба, а публиката на престојниот концерт ќе има можност да ужива во големите хитови и дружењето со харизматичниот Чола.

Концертот е во рамките на големата концертна турнеја на пејачот во земјите на екс Ју просторот, а  Чола со новиот албум ќе ни пренесе „Она малку среќа“.

Организаторите на концертот „Прагма продукција“ очекуваат полн стадион кој ќе биде отворен неколку часа порано, а најавија дека ќе има и организиран автобуски превоз од сите градови во Македонија. Оттаму најавуваат и пиротехника и светлосни ефекти, како и специјални гости на претстојниот концерт.

Чолиќ кој најави и снимање на спот во Македонија, лани, имаше два спектакуларни концерти во ВИП Арената „Борис Трајковски“.