На што заработуваат најбогатите клубови

8

Англискиот гигант Манчестер Јунајтед, втора година по ред завршува на првата позиција кога се во прашање најбогатите европски клубови за сезоната 2016/2017, покажа истражувањето на ревизорската куќа Дилојт.
Јунајтед изминатата сезона заработи вкупно 676,3 мил. евра, само 1,7 мил. евра повеќе од актуелниот светски и европски клупски шампион, тимот на Реал (М), кој 11 години по ред беше на првата позиција.

Третата позиција е резевирана за каталонскиот гигант Барселона која заработи вкупно 648,3 мил. евра, а во ТОП 10 се и Баерн М. (587), Манчестер Сити (527), Арсенал (487), ПСЖ (486), Челзи (428), Ливерпул (424) и Јувентус (405 мил. евра).

Според податоците на угледната британска куќа, приходите на 20-те најбогати клубови во Европа се зголемени за 6% и изнесуваат рекордни 7,9 милијарди евра.

Прв пат во фудбалската историја се случи заработката на трите најбогати клубови да биде поголема од 2 милијарди евра, соопшти Дилојт.

Исто така познато е дека 20-те најбогати клубови 45% од заработката ја обезбедуваат од продажбата на телевизиските права, 38% од комеријалните активности, а 17% се пари кои се заработени на денот на натпреварот.

Рекордни десет англиски клубови се најдоа во листата од ТОП 20, а ги следат три од Шпанија, Италија и Германија, како и еден од Франција.
Покрај набројаните десет клуба, во оваа листа место има и за Тотенхем (355 мил. евра), Борусија Д. (332), Атлетико М. (272), Лестер (271), Интер (262), Шалке (230), Вест Хем (213), Саутемптон (212), Наполи (200), Евертон (199).